Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Валандово одржа средба со производителите на зимска зелка на отворено. На средбата, министерот Николовски ги информираше производителите дека се подготвува нова интервентна мерка со која Министерството преку Интервентната програма ќе им излезе во пресрет на производителите на зимска зелка на отворено. Беше презентиран предлог за мерката, кои услови треба да бидат исполнети, начинот на аплицирање а се разговараше и за одредување на најоптималните рокови за поднесување на барања, со цел никој да не биде оштетен.
Станува збор за производство на расадена зимска зелка на површина од околу 500 хектари, од валанадовско-гевгелискиот регион. Министерството предложи производителите на зимска зелка да добијат финансиска поддршка за остварено производство, за која цел од буџетот на Интервентната програма ќе се издвојат 500.000 евра, сума со која се опфатени сите производители, со што уште еднаш докажуваме дека се грижиме за секој еден земјоделец.
Интервентната програма е нова програма која ја креиравме уште пред почетокот на кризата и која за цел имаше токму вакви ситуации, да имаме однапред обезбеден буџет за да интервенираме секаде каде ќе биде потребно.
Крајниот рок за поднесување на барањата и сите детали за креирањето на мерката дополнително ќе се утврдат. Она што е најважно е дека Министерствто ќе интеревенира со 500.000 евра, пари кои се веќе обезбедени.
Сето ова е потврда дека Министерството вистински се грижи за домашното производство. Секогаш сме тука за да им помогнеме на сите земјоделци и вложуваме реални напори да го одржиме и да го зголемиме домашното производство на храна.
Извор: Влада