spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЗШВ: Со поддршка од ЕУ и ФАО започнуваме уште една нова Национална...

МЗШВ: Со поддршка од ЕУ и ФАО започнуваме уште една нова Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година

Со поддршка од нашите партнери Европската Унија и ФАО, денеска официјално го означивме почетокот на подготовка на новата Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година.

Покрај лидерското место кое го имаме во регионот со успешноста на ИПАРД, ние сме лидери во регионот и во успешноста на реализирана консолидација на земјоделско земјиште. Претходниот проект Маинланд заврши со 99% реализација и консолидирани земјишни парцели во 9 подрачја:  Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.

„Новата стратегија ја одразува нашата определба да продолжиме да ја намалуваме  расцепканоста на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства. Ние сме посебно горди што претходната Национална Стратегија за консолидација за 2012-2020 година беше успешно спроведена, отворајќи го патот за уште поефективни и одржливи напори за консолидација на земјиштето во иднина. Имплементацијата на оваа стратегија резултираше со значителни достигнувања, успешно спроведовме на терен проекти за консолидација на земјиштето, со опипливи и видливи подобрувања за земјоделците. Доволно е да го посетите Егри и на терен да ја видите разликата како денес изгледа ова подрачје“ изјави министерот Николовски.

Постигнато е значително намалување на расцепканоста на земјишните парцели и нивно окрупнување во 9 подрачја во државата каде се изготвија планови за консолидација, со поддршка на Европската унија и ФАО –  Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево, од кои 7 се веќе усвоени од страна на земјоделците. Окрупнувањето на парцелите достигнува и до импресивни 4,7 пати во село Дабјани во однос на состојбата пред консолидација, а значително подобрување на обликот на парцелите е забележливо во сите консолидациони постапки по принципот на распределба со промена на границите.

Почитуваниот Заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, г-дин Набил Ганги се вклучи во живо преку видео линк и го следеше настанот од канцеларијата на ФАО во Будимпешта. Тој ги поздрави присутните и истакна дека е горд на резултатите кои Северна Македонија ги постигна во делот на консолидација, посочувајќи дека пријателска Црна Гора изразила интерес да го следи примерот на Северна Македонија. Ова е особено значајно бидејќи Северна Македонија сега е лидер во регионот и пример за успешна консолидација во девет подрачја, окрупнети се парцели со површина од 3000 хектари и бенефит имаат над 2500 земјоделци. Господинот Ганги посочи дека верува во успешноста на новата  Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година.  

Националната тим лидерка Кристина Митиќ Арсова, детално го образложи  успехот на процесот на консолидација потенцирајќи дека со тоа се овозможи поефективно планирање и управување со користењето на земјиштето, вклучувајќи планирање и изградба на подобри системи за наводнување и одводнување и пристапни патишта на парцелите – што овозможува поголема продуктивност, но и отпорност на земјоделството кон негативните влијанија од климатските промени.

Во консолидационите подрачја планирана е изградба и рехабилитација на 54 километри пристапни патишта, изградба и рехабилитација на 67 км одводна мрежа и 3 км нова мрежа за наводнување.

Минатата година, во Егри е целосно завршена изградбата на нова земјоделска инфраструктура – инвестиција вредна 500 000 евра со финансиска поддршка на Европската унија – што вклучува 8,4 км нови одводни канали, 11 км нови пристапни патишта и проширување на постоечката мрежа за наводнување за 3 км. Во Трн постапката за изградба се очекува оваа година, а тој процес ќе продолжи и во останатите подрачја.

Новата стратегија ќе ги исцрта приоритетните цели за примена на инструментот за консолидација на земјоделско земјиште, во насока на подобрување на ефикасноста и отпорноста на земјоделскиот сектор во следните десет години. Новата Стратегија е можност за проширување на севкупните цели за консолидација на земјиштето преку повеќенаменски пристап. Ова вклучува поврзување на консолидацијата на земјиштето со други инструменти и интервенции за да се максимизира ефикасноста на терен.

Под раководство на Министерството за земјоделство, изработката на оваа стратегија ќе биде инклузивен процес, со фокус пред се на интересите на земјоделците. Активното вклучување на сите клучни засегнати страни ќе биде од најголема важност додека го трасираме патот кон одржлива земјишна политика во следниот стратешки период.

Министерот Николовски упати благодарност до Европската унија и ФАО и истакна дека нашата соработка ќе продолжи и  понатаму, преку ваквите проекти да го јакнеме македонското земјоделство, да им помогнеме на малите фармери да станат силни и конкурентни со што обезбедуваме стабилно, конкурентно и одржливо земјоделство.

 

 

 

Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство 

Прочитајте

МЖСПП: Состанок со АДКОМ за проблемот со побарувањата на ЈКП

0
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска присуствуваше на состанокот со Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ на кој...