Република Северна Македонија е членка на Организацијата на oбединетите нации веќе 30 години и во изминатиот период даде придонес во решавање меѓународни конфликти и зачувување на мирот и безбедноста. Сега, како земја членка на НАТО, продолжува да дава придонес и во одржувањето на безбедноста и мирот во светот, а определбата да стане дел од Европската Унија ја насочува кон обезбедување развој и економски просперитет.
Ова беше констатирано на средбите во седиштето на ООН меѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и заменик-генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед, како и со регионалната директорка на УНДП за Европа и Централна Азија, Ивана Живковиќ.
„РС Македонија е посветена на активностите за развој и просперитет на државата, притоа имајќи ги предвид Глобалните цели за одржлив развој утврдени од ОН. Заедно со ОН, со коишто имаме одлична соработка и партнерски однос, подготвуваме Национална стратегија за развој што ги дефинира приоритетите и го опишува развојниот пат на земјава во наредните 20 години. Економски развој, заштита на животната средина и енергија, како и јавни финансии се главни идентификувани области во Стратегијата што треба да биде готова до крајот на оваа година“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека земјата добива континуирана поддршка од оваа меѓународна организација, а дел од позначајните области во кои е насочена таа поддршка се зелената агенда или заштита на животната средина, унапредување на децентрализацијата, сузбивање на сивата економија и слично.
„Можам да потврдам дека нашата земја е една од деветте земји во светот на која ѝ е одобрена поддршка за проект од Фондот за цели за одржлив развој (SDG Fund). Станува збор за Проект за воспоставување инструмент за финансирање зелени проекти за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени. Целта е полесен пристап до средства за домаќинстватa и за малите и средни претпријатија за проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност. Фондот обезбедува 7,9 милиони американски долари, Владата ќе кофинансира со 800 илјади американски долари, а заедно со ЕБОР и вклучените банки програмата се проценува на 46,5 милиони американски долари. Се очекува средствата за крајните корисници да бидат на располагање кон средината на оваа година. Тоа ќе овозможи да се забрза примената на обновливи извори на енергија и ќе се зголеми енергетска ефикасност, а што ќе придонесе кон намалување на загадување на воздухот. Проектот ќе се имплементира од страна на агенциите при Обединетите нации – УНДП, Меѓународна организација за миграција (IOM) и Економска комисија на ОН за Европа (UNECE) – во партнерство со ЕБРД“, рече министерот.
Со ОН работиме и на унапредување на фискалната децентрализација, ставање во функција на двата фонда воспоставени со Законот за финансирање на локалната самоуправа (Фонд за изедначување и Фонд за перформанси), како и на подобрување на капацитетите на општините за наплата на сопствените приходи. Се преземаат активности за сузбивање на неформалната економија и за поддршка на најпогодените области од енергетската и ценовната криза. За поддршка во овие области веќе е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и УНДП.
Министерот за финансии средбите во ООН ги одржа во рамки на неговата посета на САД, каде што ќе учествува и на Пролетните средби на Светска банка и ММФ, при што ќе оствари средби со високи претставници на овие меѓународни финансиски институции.
Извор: Министерство за финансии