Италија беше домаќин на ЕП во традиционално таеквондо, кое од 17-24 Април се одржа во Лидо ди Јесоло. На првенството настапија 1200 учесници од 34 европски земји, а нашата репрезентација ја претставија 7 натпреварувачи.
Христијана Парулеска стана Европски шампион во борба, сребрена во борба со замислен противник и истовремено е прогласена за најдобра кадетка.
Пехарот и го врачи Руџиеро Ланоте, организаторот на Европското првенство и претседател на Италијанската теквондо федерација, а честитки за престижната награда Парулеска доби и од претседателот на Европската федерација – ЕИТФ, како и сите останати присутни членови на Интернационалната теквондо федерација.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски го искажа своето задоволство од постигнатиот успех на Христијана, и им посака на сите натпреварувачи да го следат нејзиниот успех.
На ЕП учествуваа натпреварувачи од три клуба: TTK Ахилиус, ТТК Сонкел, и ТТК Хваринг, а претседателот на федерацијата Марјанчо Лазаровски не го криеше задоволството од настапот на сите натпреварувачи, особено од трофејот на Христијана.
Извор: Агенција за млади и спорт