Предизвиците и можностите кои што ги нуди дигиталната трансформација беа меѓу темите за кои се разговараше на денешната конференција во организација на УНДП, на која се обрати заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Заменикот министер се осврна на активностите и плановите на Министерството за информатичко општество и администрација, кои се одвиваат активно и во континуитет.
,,Министерството за информатичко општество и администрација, веќе има воспоставено ИКТ инфраструктура и изградено напредни ИКТ системи кои се во функција. Ова се хоризонтални системи и се на располагање на сите институции во државава, независно дали тие се дел од централната или локалната власт, како што се: платформата за интероперабилност, Националниот портал за електронски услуги, порталот за Отворени податоци, Централниот регистар на население. Трошоците за одржувањето на овие системи ги покрива Министерството за информатичко општество и администрација; Соработува со институциите, и во рамки на своите можности, им помага во процесот на развој на електронски услуги за граѓаните и за компаниите. Истовремено, им помага и консултативно во процесите на идентификација на услугите“, истакна заменикот министер.
Според Бајдевски, од исклучителна важност е засилувањето на таа соработка помеѓу институциите и од локалната и од централната власт, а МИОА со својата експертиза и системи, во рамки на своите надлежности, е тука да го поддржи целиот процес. Со овие системи, кои се веќе направени и се одржуваат од страна на МИОА, се постигнува економично и ефикасно работење, како и унифицирање на услугите. Воедно, како што нагласи, меѓусебната соработка, особено во делот на дигиталната трансформација, ќе доведе до понапредно и поефективно општество со европски вредности.
,,Освен на Агенција за дигитализација, паралелно се работи и на подготовка на неколку стратегии: Стратегија за реформа на јавната администрација 2023-2030, Национална ИКТ стратегија 2023-2027, Национална стратегија за сајбер безбедност 2023-2027. Исто така, во тек е реализацијата на Национален оперативен broadbend план 2019-2029”, рече Бајдевски.
Посочи дека овие стратегии ги дефинираат насоките во кои ќе се движи дигиталната трансформација и кои ќе бидат приоритети на Владата во следниот период: подобра дигитална поврзаност, зголемување на дигиталните вештини на администрацијата и на населението, подобрени капацитети за сајбер безбедност, сигурна и отпорна критична инфраструктура, отпорни ИКТ системи.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација