Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин се обрати на настанот организиран по повод отпочнување на проектот „Ромскиот граѓански сектор за пристап кон ЕУ”. Истиот е организиран од невладината организација „СОНЦЕ”.
„Стратегијата за Ромите во Република Северна Македонија 2021–2030, е документ кој е дел од јавните политики на Република Северна Македонија за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници кои во неа заеднички живеат во современите општествeните текови”, рече заменик министерот Хусејин на почекотот на своето обраќање.
Во оваа прилика, Хусејин потсети дека Република Северна Македонија беше член на иницијативата ,,Декадата за вклучување на Ромите 2005–2015″, како политички ангажман од европските влади за да се подобри социо-економскиот статус и социјалната инклузија на Ромите, здружување на владите, меѓувладините и невладините организации, како и ромското граѓанско општество, за да се забрза напредокот кон подобрување на благосостојбата на Ромите и да се иницира таквиот напредок на транспарентен и мерлив начин.
Министерството за труд и социјална политика во 2004 година ја координираше подготовката на Стратегијата за Ромите во Република Македонија, со која се уредија и Националните акциски планови за образование, здравствена заштита, вработување и домување, годишно ревидирани и ажурирани.
Во текот на 2014 година се ревидираше Стратегијата за Роми со вклучување на нови предизвици со кои се соочување ромската етничка заедница.
„Во 2021 година имавме нов предизвик за подготовка на новата Стратегија за Роми до 2030 година”, посочи Хусејин и додаде: „Претходно наведените факти ја потврдуваат определеноста на Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за труд и социјална политика во соработка со Советникот за ромски прашања во Кабинетот на Претседателот на Владата, да ги преземе потребните мерки на ниво на креирање на политики и стратегии, со кои ќе се иницира подобрување на квалитетот на живеењеето и интеграцијата на Ромите во македонското општество, а преку него и во поширокото европско општество”.
Пред присутните, заменик министерот за труд и социјална политика информираше дека по отворање на пристапните преговори со ЕУ, хоризонтално ромските прашања се таргетирани во поглавје 23 и поглавје 19 и со поглавје 26 –Образование и култура, како и Поглавје 28- Здравствена заштита.
Заменик министерот за труд и социјална политика Хусејин истакна дека за решавањето на проблемите на Ромите потребно е да се вклучат и Ромските невладини организации и меѓународната заедница и со заеднички напори да се изнајдат решенија за социјалната инклузија на Ромите во различни области за целосна еднаквост и интеграција на Ромите.
“Помошта што ја добиваме од Европската Комисија преку ИПА Проектите е од суштинско значење за забрзување на процесот на интеграција на Ромската етничка заедница. Инструментот за пред пристапна помош е алатка која помага и на Владините институции и на Невладиниот сектор да се имплементираат целите зацртани во стратешките документи за Ромите”, рече Хусејин.
На крајот од своето обраќање, заменик министерот Хусејин дека Министерството за труд и социјална политика ќе даде целосна поддршка на сите проекти кои допринесуваат за интеграција на Ромската заедница во општествените текови.