Денеска во Скопје се одржа координативна конференција на Твининг проектот финансиран од ЕУ ИПА 2018 „Зајакнување на функциите на буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“. Целта на конференцијата беше да се претстават значајните резултати што беа постигнати од почетокот на проектот во февруари 2020 година до денес.
Поздравно обраќање на Конференцијата имаше заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој истакна дека Твининг-проектот обезбедува значајна поддршка на нашите институции во спроведувањето на реформите во управувањето со јавните финансии, како и поддршка за имплементација на препораките на Европската комисија за соодветните поглавја доставени до нашата земја. „ Подобрувањето на управувањето со јавните финансии е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, а воедно и еден од приоритетите за пристапување во Европската Унија. Со цел да се постигне успешно спроведување на овој приоритет, кој вклучува фискална дисциплина, одржливост на долгот и ефикасно, транспарентно и модерно управување со јавните финансии, Владата одлучи да ги насочи своите напори преку Министерството за финансии во спроведување сеопфатна реформа на управување со јавните финансии, за што е неопходна и поддршката од нашите партнери во ЕУ и другите меѓународни институции и донатори“, рече заменик-министерот Николоски.
Во рамките на Проектот досега се спроведени следните активности:
- Изработени се околу 60 регулативи (закони, подзаконски акти и методологии);
- Одржани се над 60 обуки, работилници и дискусии на тркалезни маси;
- Зајакнато е среднорочното буџетско планирање изразено во новата Фискална Стратегија која содржи повеќе квантитативни и квалитативни податоци согласно препораките добиени од експертите во проектот;
- Постојниот систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор е надграден во насока на воспоставување современ, соодветен и ефективен систем согласно најдобрите европски практики и барањата на Европската Комисија;
- Отпочнати се активности за воспоставување на Академијата за јавни финансии при Министерството за финансии;
- Националната програма за сертификација за внатрешни ревизори е во процес на изработка;
- Надградена е Финансиската инспекција и зајакнати се капацитетите на истата;
- Изготвена е Стратегија за јавни набавки, како и соодветна методологија согласно Стратегијата;
- Националната стратегија за борба против измама е ажурирана, додека Мрежата за борба против измами AFCOS е целосно воспоставена;
- Подобрени се системите за јавни набавки и поднесувања жалби;
- Подобрени се капацитетите на буџетските корисници на централно и локално ниво во поглед на спроведување на законодавството за управување со јавни финансии и употреба на современи алатки.
Главната цел на проектот е дополнително да се подобри ефикасноста и ефективноста на јавното трошење преку активности што го поддржуваат спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии.
Проектот го спроведува Министерството за финансии на Република Северна Македонија, во соработка со партнери од земјите членки од Кралството Холандија, Република Хрватска, Република Бугарија и Република Латвија. Проектот е во траење од 49 месеци со расположлив вкупен буџет за реализација од 3.700.000 евра.
За повеќе информации, ве молиме контактирајте со:
г-дин Мите Митевски, проектен лидер од земјата корисник,
Електронска пошта: mite.mitevski@finance.gov.mk.
Извор: Министерство за финансии