Во организација на Министерство за надворешни работи а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски, се одржува меѓународната конференција „Преспа форумот за дијалог 2023“ во Струга. Меѓу бројните панели се одржа и панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, каде учествуваше заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, Александар Дамјановиќ, министер на Црна Гора за финансии, Ивана Живковиќ, помошник нa Генералниот секретар на Обединетите Нации, Анита Ангеловска-Бежоска гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија.
Вицепремиерот Битиќи рече дека е важно да ги отклучиме сите инвестиции во Западен Балкан и да ги отвориме сите потенцијали, сега е вистинско време кога треба да го направиме ова бидејќи како регион немаме простор понатаму да одложуваме, туку треба да се фокусираме на енергија, безбедност и финансии.
Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека регионот треба понатаму да отвора можности за продлабочување на соработката и меѓусебната зависност.
„Треба да создадеме и поволна средина за спроведување на бизнис иницијативите кои ќе инвестираат во делот на енергетиката. Нешто со што се гордееме е либерализацијата на пазарот на електрична енергија, со што создадовме можност на приватниот сектор и сведоци сме на вистински бум во делот на барања за инвестиции во нови капацитети за производство на енергија од ветрот и сонцето. Во моментов сме во финална фаза да заокружиме три големи инвестиции во обновливи извори на енергија, со моќност од околу 1 GWH, со кои ќе се промени структурата на производството на електрична енергија и ќе се направи голем исчекор во зелената транзиција на Северна Македонија“, рече Битиќи.
Министерот за економија, Крешник Бектеши во неговото обраќање на панелот истакна: „Процесот на пристапување во Европската Унија е многу важен за целиот регион на Западен Балкан, секоја земја е во различна фаза, но треба да има јасна перспектива создавајќи посилни врски со институциите на Унијата. Зголемената регионална соработка е исто така од суштинско значење за да се искористат капацитетите за раст и развој на регионот. Поддршката на ЕУ е добредојдена како поддршка за градење капацитети, пристап до финансии, вмрежување и отворање можности за партнерства со партнерите од ЕУ“.
“Ќе биде многу тежок пристапот кон ЕУ, затоа што ние не можеме да го направиме тој голем прогрес без поддршка од земјите на ЕУ. За граѓаните е важно да има еднаквост кон сите можности. Сите земји од Западен Балкан треба да се третираат на ист начин од земјите на ЕУ, тоа е клучно и за Република Северна Македонија. Ние не може да работиме само за да преживееме, но треба да создадеме и прогрес.
Нашите цели се стратешките сектори на кои им требаат структурни реформи, како и поддршка на двигателите за иновации, истражување и развој и бизнис врз основа на домени за паметна специјализација“, рече Бектеши.
Во нејзиното обраќање на панелот, помошник на генералниот секретар на ОН, Ивана Живковиќ, рече дека УНДП ги поддржува програмските земји да спроведат планови за постигнување инклузивен, издржлив и одржлив раст.
„Помошта за економиите на Западен Балкан за да ги постигнат Целите за одржлив развој, значи дека УНДП ги поддржува и нивните аспирации за пристапување во ЕУ. Концептот „Не оставаме никого зад нас“ носи инклузивен и одржлив економски раст, кој гарантира дека придобивките од економскиот развој ќе ги почувствуваат сите сегменти на општеството. Работата на УНДП во Западен Балкан помага да се осигура дека придобивките од инклузивниот раст се широко споделени и дека ветувањата од Зелената агенда и дигиталната трансформација стануваат реалност“, рече Живковиќ.
Гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија, Ангеловска-Бежоска, изјави на панелот дека Преспа форумот треба да биде добра основа за тоа како ќе го подигнеме потенцијалот за раст за што се потребни структурни реформи за поддршка за основните двигатели, човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста.
„Повисоките странски инвестиции, вклучително и поголема и поефикасна интеграција во глобалните синџири на снабдување може значајно да го забрза регионалниот раст. Паралелно со ова, и развојот на дигиталната инфраструктура заедно со мерките за справувањето со климатските промени, се исто така клучни приоритети за подигнување на потенцијалот за раст на Северна Македонија“, рече Ангеловска-Бежоска.
Црногорскиот министер за финансии, Александар Дамјановиќ, ја подвлече важноста за посилна регионална соработка, отворени граници, подобра поврзаност која води кон еден заеднички пазар на Западен Балкан.
„Само така, шесте земји би биле поатрактивни за сериозни, кредибилни и големи инвеститори, и помалку ако секоја од нив делува индивидуално, особено кога станува збор за инвестиции во патната и енергетската инфраструктура. Промената е брза, глобалното опкружување претставува предизвик, задачите се сложени, и поради тоа мораме да се отвориме, да бидеме иновативни, да соработуваме, да си помагаме и да разменуваме добри идеи“, рече Дамјановиќ.
Видео од панел сесијата „Трасирање на патот кон просперитет“ на македонски јазик
Видео од панел сесијата „Трасирање на патот кон просперитет“ на албански јазик
Видео од панел сесијата „Трасирање на патот кон просперитет“ на англиски јазик.
Извор: Министерство за економија