Интегрален текст од обраќањето на министерот Љупчо Николовски од денешната презентација на нацрт десетгодишната стратегија за развој на лозарството и винарството.
Значењето на секторот лозарството и винарството е една од најзначајните стопански гранки за нашата држава уште од нејзиното осамостојување, па до ден денес. Овој важен сектор е втор најголем извозник од делот на земјоделството, па оттука неговиот иден развој бара од сите нас подолгорочен, конкретен и предвидлив стратешки пристап.
Подготвувањето на стратегијата е законска обврска на министерството уште од 2010 година, но денес сме сведоци на едно темелно и сопфатно вложување од страна на сите чинители во подготовката на стратегијата, за да имаме документ кој ќе носи развој и нови успеси во овој сектор.
Активностите за изготвување на овој стратешки документ започнаа уште во 2019 година преку изготвување на екпертско истражување за состојбите со лозарството и винарството.
Потоа активностите продолжија со формирање на работна група составена од претставници на сите засегнати страни, за преку своето искуство да дадат придонес при подготовката на овој значаен документ. Оваа работна група преку повеќе работилници, дополнителни истражувања и анализи го изготви овој документ кој денес е на јавна расправа.
Главната стратешка цел на оваа десетгодишна стартегија е зајакнување на конкуретноста на македонската винска индустрија во делот на лозарството и винарството, со цел искористување на целосниот потенцијал на индустријата. За да стане препознатлив вински бренд на регионалните и интернационалните пазари, преку фокусирање на локални сорти и поднебјата за истакнување на нивните најдобри карактеристики.
За реализација на оваа поставена стратешка цел утврдени се и следните приоритетни стратешки цели: интеграција на сите чинители од секторот, модернизација, поголема промоција и зголемување на препознатливоста на македонското вино на надворешните пазари за зголемување на извозот на различен пазар, развој на винскиот туризам, како и мерки за заштита од климатски промени и обезбедување на одржливост и зачувување на биодиверзититетот кај лозовите насади
Анализата на институционалната и правната рамка содржана во оваа нацрт стратегија, покажува позитивен правец кон добра интеграција на секторот. Споредено со почетната ситуација, кога примарното производство на суровината – винско грозје, беше строго одделено од производството и пласманот на виното, кои беа под ингеренции на Министертсвото за економија во минатото. Сега, целиот процес е под ингеренција на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, односно Секторот за винарство лозарство и овоштарство.
Понатаму, регистарот на лозови насади, воспоставен на целата територија на државата во 2010 година дава податоци за површините под лозје (приближно 23 илјади хектари) во кој се содржани и податоци за сортите, старосната структура, начинот на наводнување.
Вкупните капацитети за производство на вино се 1.72 милиони хектолитри, што е за два пати повеќе од вкупното производство на вино. Додека пак капацитетите за производство на вино во шишиња се само 650 илјади хектолитри.
Од вкупно 247 винарски визби, регистрирани до денес, 165 се физички лица односно семејни винарии и 82 правни лица, од кои 42 се со капацитет за преработка и чување со над 50.000 литри вино и во иднина треба да бидат двигатели на извозот на вино.
Малите семејни винарии кои пред се насочени кон винскиот туризам и руралниот развој, како такви, треба да бидат предмет на континуирана поддршка на програмата за рурален развој и останатите програми за поддршка, со цел нивна поголема промоцијата и маркетинг за да имаат финализација на флашираното вино.
Од повеќегодишната анализа на извезените количини вино, се забележува позитивен тренд на извезено флаширано вино во однос на наливното. Од апсолутна доминација на наливното вино, пред 18 години (во 2005: 92% извезено наливно ниво), процентот на флаширано вино во 2022 година веќе достигнува 31% од вкупно извезените количини на вино од земјава.
Бројот на нови земји на листата увозници е зголемен на преку 25, а допрено е и до надворешни пазари кои порано не биле стандардни дестинации за нашето вино. Меѓутоа, извозната и следствено малопродажната цена на нашето вино е несразмерно ниска во однос на останатите вина кои се нудат на странските пазари. Оваа разлика покажува дека постои голем простор за напредок во повисоките сегменти на пазарот на вино во шише.
Визијата за развој на секторот е јасно отсликана со подготовката на новиот Закон за вино чие донесување ќе следи во 2023 година, а каде најголемите измени се однесуваат во делот на Географските ознаки и нивна заштита кои целосно се усогласени со Регулативата 1308/2013 од Европска Унија.
Градењето на Географски Ознаки за вино подразбира дека производителите се способни да развијат производи поврзани со потеклото кои имаат специфични квалитативни својства; кои се со постојан квалитет; неодвоиво се поврзани со местото каде се произведуваат; и кои можат да изградат добра репутација со текот на времето и преставуваат алатка за градење на препознатливоста на македонското вино на странските пазари.
Согласно предвидувањата во овој стратешки документ, до крајот на десет годишниот период за реализација на оваа стратегија се предвидени следните резултати:
- Зголемување кај извозот на вино во шишиња во литри за 50%
- Зголемување на вредноста на извозот на вино во шишиња над 50% во евра
- Зголемување на вредноста на наливното вино за 10% во евра
- Најмалку три заштитени географски ознаки
- Минимум 10% од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033
- Обновување (реструктурирање) на лозовите насади за 30%
- 5% зголемување на површината под лозови насади
- 4% од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје
- 40% лозови насади на целата територија на земјата да бидат одржувани со примена на добра земјоделска пракса, во насока за зачувување на животната средина и биодиверзитетот
- Селектирани клонови за Кратошија, Вранец и Станушина
- Јавно достапен и функционален дигитализиран лозарски катастар под МЗШВ
- Зголемен број на посети во винарските визби за 15% до крајот на 2033
Сите овие резултати треба да се постигнат преку имплементација на цел сет мерки, кои се содржани во стратергијата, а кои во периодот што следи по донесувањето на оваа стратергија треба детално да се разработат во соодветен акциски план со прецизни рокови за реализација.
Во оваа прилика ги поканувам сите претставници во работна група за изработка на стратегијата (Федерација на фармери, УКИМ-Земјоделски факултет, УКИМ-Земјоделски институт, ВОМ, Тиквешки семејни винарии, потсекторската група за грозје и вино) да земат активно учество во оваа јавна расправа и да дадат одговори на сите прашања од пристутните во денешната јавна расправа, за да бидеме сите сигурни дека оваа Нацрт стратегија ги одразува потребите на овој сектор.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство