За прв пат во Република Северна Македонија, со швајцарска помош, е изработен и презентиран Национален регистар на подземни води, со што податоците за овој важен стратешки природен ресурс, собирани и тематски систематизирани од различните институции, се достапни на една централна платформа.
„Нашата држава има висок процент на користење на подземни води, но досега нивниот потенцијал не беше ниту доволно истражен, ниту искористен и што е најважно, доволно заштитен. Проектот е прв од ваков вид во Република Северна Македонија и е посебно значаен за одржливо управување, идентификување, употреба, заштита и следење на подземните води на национално ниво. Од тука, тоа е основа и за воспоставување и креирање на ефективни и ефикасни политики“ истакна министерката Шукова во воведното обраќање на презентацијата на Регистарот. Таа нагласи дека со дигитализирањето, не само на податоците, туку и на процедурите и известувањето се олеснува пристапот до истите, извршувањето на процесите за управување со подземните води и се скратуваат постапките за издавање на управни акти за користење и испуштање на води.
На настанот се обрати и амбасадорката на Швајцарија Н.Е Вероник Улман која изјави: “Нема живот без вода. Иако тоа е многу очигледно, многу често, вредноста на водата е занемарена и свеста за итноста да се воспостави ефективен систем за заштита и управување на водите на одржлив начин, е ниска. Предизвикот е уште поголем, кога станува збор за подземните води, бидејќи тие се невидливи за нас. Една клучна компонента на одржливото управување со подземните води е воспоставувањето, одржувањето и користењето на Системот за управување со податоците за подземни води, кој се нарекува и Национален регистер/катастар на подземни води поддржан од Владата на Швајцарија“.
Националниот регистар на подземни води на Република Северна Македонија обработува 13 процеси и 65 тематски целини. Националниот систем за податоци и нивно управување вклучува собирање на податоци, нивна дигитализација и конверзија. Овој систем ги следи барањата на националното и европското законодавство и со него се имплементираат две европските директиви – Рамковната директива за води и Директивата за подземни води.
Тој е дел од Националниот информативен систем за животна средина со што се зголемува транспарентноста, се поедноставуваат административните процедури и им овозможува на носителите на одлуки да ги донесат врз основа на веродостојни податоци и со вклучување на сите релевантни чинители во самиот процес. Дополнително, ќе овозможи достапност на податоци на заинтересираните граѓански организации со обезбедување пристап до одредено ниво, со што целиот процес на управување со подземните води ќе биде потранспарентен и со поголема одговорност и отчетност на институциите.
Дополнителен успех е што во рамки на проектот се изработи мобилна апликација, која претставува помошна алатка за спроведување на процесот на контрола и инспекторирање, бидејќи вклучува податоци и за издадени дозволи. Со цел ефикасно спроведување на овој процес беше изработено упатство за користење и е спроведена обука.
Проектот е финансиран од Швајцарската Конфедерација, преку Швајцарската Амбасада во Република Северна Македонија и Швајцарската Агенција за Развој кои се долгогодишни партнери и поддржувачи на проектите за заштита на животната средина, а е спроведуван од страна на Конзорциумот Интелитенг Нетворк Солушанс (ИНС) и Градежен Институт Македонија.
Во самата реализација беа вклучени претставници на бројни институции што располагаат со податоци, пред се: Државниот Инспекторат за животна средина, Управата за хидрометеоролошки работи, Министерство за економија, Министерство за земјоделство, шумарство, водостопанство, Институт за јавно здравје, Геолошки Завод на Северна Македонија, Град Скопје, Агенција за катастар на недвижнини и други инволвирани страни што работат и спроведуваат активности во делот на подземните води.
Овој проект е само предуслов за понатамошна соработка на МЖСПП со Швајцарија, а главен предизвик во наредниот период ќе биде успешно развивање и користење на овој систем од кој бенефит ќе имаат не само државните и локалните институции туку и крајниот корисник – граѓаните.
Извор: Влада