“Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е двонасочен процес, кој е во интерес на самиот регион, но не помалку Европската унија и нејзините земји-членки. Во недостиг на јасна слика за таквите придобивки, сме завршиле во криза на недоверба и потребно е што поскоро идентификување на интересот кај двете страни –” истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во неговото обраќање на панелот “Западен Балкан: Нов евро-атлантски моментум”, во рамки на Дубровник форум.
Решението, нагласи Османи, лежи во двостраната посветеност – на ЕУ, дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан претставува кредибилен процес, но и на земјите од Западен Балкан, дека нема да притискаат за членство пред да бидат подготвени за тоа.
Во тој процес, дополнително може да помогне забрзаната интеграција, наречена „Повеќе интеграција, пред членство“, која подразбира постепена интеграција на земјите кандидати, преку пристап до фондовите на ЕУ и придобивки од интегративниот процес пред самото членство, која станува формалност на самиот крај.
Во продолжение на обраќањето, Османи се осврна на уставните промени во Република Северна Македонија, за кои нагласи дека претставуваат сериозен предизвик, но „… се надевам, дека, постоењето на политичка Влада во Бугарија, меѓународната поддршка за процесот и нашата подготвеност да разговараме со новата бугарска Влада, може да значат точка на неповратност во однос на нашиот ЕУ-интегративен процес“, заклучи Османи.