Во организација на Обедитетите Нации, од 24 до 26 јули 2023 година, во седиштето на Организацијата за храна и земјоделство на ОН ФАО во Рим, се одржа Светскиот самит за храна, под покровителство на Владата на Република Италија. Настанот на високо ниво, ги собра лидерите на држави и влади од целиот свет, министрите за земјоделство и животна средина, директорите на меѓународните и финансиските институции, невладиниот сектор и претставници на бројни здрженија, да го утврдат напредокот во трансформацијата на прехранбените системи што е постигнат на глобално ниво, две години по одржувањето на првиот самит за храна во 2021 година и степенот на реализација на Целите за одржлив развој. Северна Македонија беше претставувана од постојниот претставник на РСМ во ФАО Лидија Попандонова.
Светските лидери се обединија околу заедничката цел – да се обезбеди храна за сите, како основно човеково право, храната е живот и го отсликува идентитетот на сите народи во светот. Во 21 век, не смее да се доведува во прашање пристапот до храна што е неприкосновена цивилизациска придобивка и право на секој жител на планетата. Во моментот околу 800 милиони луѓе ширум светот гладуваат, една третина од целата произведена храна се губи и претставува отпад, а повеќе од три милијарди луѓе не можат да си дозволат здрава исхрана. Во услови на повеќекратни кризи во последните неколку години, предизвикани од пандемијата со Ковид, војните, високите цени на храната, енергенсите, инпутите за земјоделско производство, како и сериозното влијание на климатските промени, на самитот беше испратена единствена порака дека моментот е „вчера“ да се преземат итни конкретни мерки, а обезбедувањето доволно храна да биде приоритет на секоја влада.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во своето поздравно обраќање на почеток на самитот, меѓудругото истакна дека е неопходно владите и бизнисите да работат заедно за да изградат системи кои ги ставаат луѓето над профитот и да истражуваат нови начини за намалување на трошоците и зголемување на достапноста на здрава храна за сите. „Постои политичка воља определеност, но тоа не е доволно за да ги исполниме ветувањата кои се утврдени со Целите за одржлив развој. Заштитата на животната средина и одржливо користење на природните ресурси мора да бидат императив, а посебен акцент во услови на екстремни климатски промени, е намалување на стакленичките гасови и ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови, со што ќе се стави крај на „бесмиселната војна на нашата планета“, како што истакна на крајот од својот говор.
Генералниот директор на ФАО, Ку Донгју укажа на важноста од трансформација на прехранбените системи за да ја задоволи зголемената побарувачка од храна, да се намали притисокот врз природните ресурси без непотребна експлоатација и да се гради отпорност кон климатските промени што причинуваат огромни штети врз земјоделското производство. „Иновации и технолошки напредок мора да се стават како приоритет, пристојно вработување за младите и пристап до безбедна храна за сите„ ги потенцираше како основни работи на кои мора да се посвети секоја Влада во својата земја.
Италјанската премиерка Џорџа Мелони, во официјалната инаугурација порача дека достапна и безбедна храна отсекогаш била една од стратешките насоки на политиката на Република Италија и приоритетна област во надворешната и развојна соработка. Италија е традиционално посветена на ова клучно прашање, истакна во својот говор и ги повика нациите да инвестираат во истражување, технологија и да соработуваат за да ги трансформираат системите за храна.
На настанот на високо ниво, учестување и еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчиечовски, кој порача дека ЕУ е артнер на ОН во остварувањето на Целите за одржлив развој и градењето одржливи и отпорни системи за храна кои ќе обезбедат здрава храна за сите, без да се наруши здравјето на планетата. Еврокомесарот упати остри критики кон Русија, која како што истакна ги уништува складиштата со жито и инфраструктурата на пристаништето во Украина, притоа предизвикувајќи енормна штета и повика на итно почитување на Црноморскиот договор за жито со кој ќе се овозможи извозот од Украина, кој е неопходен за прехрана на афричкиот континент.
Самитот го одбележа и серија настани, дијалози и презентации поврзани со трансформирање на земјоделско-прехранбените системи на теми како што се отпадот од храна, климатските промени, здравата исхрана, наука и технологија и партнерствата кои се неопходни за заедничко делување во остварување на единсвената цел – храна за сите.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство