Министерството за надворешни работи ги осудува инциденти во Скопје, пред, за време и по натпреварот Шкупи – Левски. Насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога тоа резултира со тешки повреди. Органите за безбедност ја имаат сета поддршка во спроведувањето на јавниот ред и мир.
Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.
Надлежните органи на Република Северна Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти.
Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.
Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава.
Република Северна Македонија и Република Бугарија се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.