spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМО: Словенечкиот народ има потреба од вас и вашата професионалност, дајте сè...

МО: Словенечкиот народ има потреба од вас и вашата професионалност, дајте сè од себе и помогнете на нашиот сојузник

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец ги посетија 100-те припадници на Армијата кои се подготвени да заминат во Словенија, во поддршка на справувањето со последиците по големите поплави кои ја зафатија оваа пријателска и сојузничка земја.

Петровска на армиските припадници им порача дека во неволја се гледаат вистинските пријатели и сојузници.

„Словенија, еден од нашите најблиски сојузници денес има потреба од вас, вашата посветеност, вашата професионалност. Со вашата подготвеност да заминете веднаш покажувате дека сте вистинскиот заштитник, не само на македонските граѓани, туку на граѓаните на сите сојузнички земји. Ви се заблагодарувам што како и многупати досега, и овој пат го прифаќате предизвикот и тргнувате мотивирани и волни да му помогнете на словенечкиот народ“, рече министерката.

Таа порача дека Северна Македонија и Словенија се две пријателски држави и дека нашата држава ќе исполни половина од севкупното барање на Словенија за персонал за поддршка во справувањето со последиците.

Македонските војници кои ќе заминат во Словенија се дел од 2. пешадиски баталјон од 1. пешадиска бригада, четата АБХО, инженерскиот баталјон, ренџерскиот баталјон и логистичката база. Дел од нив беа ангажирани во справување со поплавите во Северна Македонија пред седум години, а припадниците од четата АБХО беа дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, во рамките на словенечкиот контингент.

Посветеноста за поддршка помеѓу двете земји можеше да се види и кога Словенија испрати персонал за справување со големите пожари кои ја зафатија Северна Македонија пред неколку години.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте