Владата на РС Македонија обезбеди 100 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со цел поддршка на стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на домаќинствата и компаниите преку државната компанија ЕСМ. Министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе потпишаа договор за гаранција, а договорот за заем беше склучен со директорот на ЕСМ, Васко Стефанов.
Министерот за финансии посочи дека со овие средства ќе се поддржи ЕСМ за да продолжи непречено да ги пружа услугите кон граѓаните и фирмите и покрај евентуални предизвици однадвор.
„Владата досега, со цел справување со кризата, донесе два пакета антикризни мерки во вредност од над 760 милиони евра, а оваа година за таа намена се планирани 225 милиони евра. Договорот што денеска го потпишуваме е дополнување на ваквите мерки, со кои овозможивме граѓаните да добијат субвенционирана цена на електричната енергија која финансиски беше поддржана од Буџетот. Покрај мерките од двата пакета, се работи и на реализација на енергетски проекти кои на долг рок ќе обезбедат диверзификација и поголема сигурност во снабдувањето со електрична енергија, а во имплементацијата на тие проекти добиваме безрезервна поддршка од Европската банка за обнова и развој“, рече министерот Бесими.
Средствата се обезбедени по поволни услови, односно со рок на отплата 5 години, грејс период 6 месеци и варијабилна каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Корисник на средствата ќе биде АД ЕСМ – Скопје и сите обврски по заемот ќе ги сервисира компанијата, а државата издава само гаранција.
Според директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе, Владата на РС Македонија заедно со ЕСМ се вистински пример за другите земји од регионот на Западен Балкан за успешно изведена декарбонизација и модернизација на нивниот енергетски систем.
„Импресионирани сме од нивните амбиции за климатски промени и со нетрпение ја очекуваме меѓусебната соработка преку која ќе се искористат 85-те милиони американски долари коишто Фондот за зелени инвестиции ѝ ги стави на располагање на РС Македонија “, рече Шарлот Руе.
Генералниот директор на ЕСМ Стефанов истакна дека со овој заем ќе се обезбеди поддршка во финансирањето на трошоците за унапредување на производниот процес, ќе се инвестира во нови обновливи извори на енергија, но ќе се овозможи и одржување на веќе изградените централи од обновливи извори.
„АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио. За таа цел во иднина се планирани повеќе проекти поврзани со обновливи извори на енергија и сериозно ќе влијаат ние како држава да бидеме енергетски независни“, истакна Стефанов.
Поддршката и соработката со институција каква што е ЕБОР е од клучно значење и ќе придонесе за побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, со заложба за транзиција кон чиста енергија, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 процент.
Од 1993 година наваму ЕБОР во земјава има поддржано над 175 проекти во вредност од 2,6 милијарди евра, од кои 86% се во јавниот сектор. Во моментов активни се проекти во износ од 1,1 милијарда евра. Меѓу приоритетните проекти зад чија реализација стои ЕБОР се проектот за гасен интерконектор со Грција, фотоволтаичната централа во „Осломеј“, изградба на далекуводна интерконекција со Албанија, изградба на автопатски делници од Коридорот 8, железничкиот дел од коридорите 8 и 10, автопатот кон Блаце, регионалниот проект за управување со цврст отпад и слично.
Приоритет на Владата е продолжување на соработката со ЕБОР во областа на зелената транзиција, зголемување на конкуреноста на економијата и поврзување на регионот.
Извор: Министерство за финансии