Заменик-министерката Д-р Маја Манолева, имаше чест да биде дел од третиот „Summit of First Ladies and Gentlemen“ што се одржа на 6 септември во Киев, Украина. Под мотото „Спасување животи низ целиот свет“, на овој самит беа потпишани 25 меморандуми за партнерство помеѓу медицинските институции на Украина и различни земји од светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Д-р Манолева имаше свое онлајн учество на министерскиот состанок посветен на зајакнување на меѓународните партнерства во областа на здравството. Во името на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, таа ја прифати изјавата за потпишување на меморандум за градење отпорни меѓународни здравствени партнерства, кои ги поддржуваат здравствените работници.
„Здравствени установи кои се приклучуваат кон меѓународно медицинско партнерство од нашата држава се Универзитетската клиника за психијатрија и Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ. Верувам дека универзитетските клиники кои се приклучуваат на партнерството од нашата држава ќе дадат суштински придонес, имајќи ја предвид спецификата на нивната дејност, Клиниката за ТОАРИЛУЦ, со посебен фокус на трауматологија, ортопедија, анестезиологија и интензивно лекување со Ургентен центар, додека Клиниката за психијатрија во насока на унапредување на областа на менталното здравје“, истакна д-р Маја Манолева преку своето онлајн обраќање на самитот.
Колку за потсетување, Министерството за здравство на Република Северна Македонија уште од 2005 година има потпишано Спогодба за соработка со Министерството за здравство на Република Украина, што опфаќа соработка во областа на здравството и медицинските науки, со посебен фокус на размена на информации, искуства, како и размена на специјалисти од повеќе различни области.
За време на нападите од Русија, во Украина беа оштетени 1427 здравствени установи, па затоа многу е важно Република Северна Македонија како солидарна држава да биде дел од пријателите што ќе помогнат и ќе дадат поддршка со здравствена опрема и помош за Украина. Покрај нашата држава, осум медицински установи во Франција станаа партнери на украинскитеболници, две медицински установи во Литванија, Латвија и Молдавија, како и водечки болници во Полска, Австрија, Данска, Естонија, Ирска, Шведска, Шпанија, Канада, Израел и Холандија. Украинските детски болници склучија партнерства со Данска, Холандија, Израел, Шпанија, Латвија, Полска и Франција. Установите за ментално здравје во Украина ќе соработуваат со Франција, Северна Македонија и Канада, а универзитетски и мултидисциплинарни болници – со Австрија, Ирска, Естонија, Северна Македонија и Молдавија.
„Ние како министерство за здравство ќе продолжиме да бидеме посветени на развивањето и унапредувањето на нашите меѓународни здравствени партнерства. Ова не е само потпис на меморандум, туку потпис на нашата непоколеблива решеност за одржување на животите и за обновување на здравствениот систем во Украина. Ние ќе продолжиме да соработуваме и да вложуваме во меѓународните здравствени односи како начин за поддршка на сите оние што им се потребни“, заклучи д-р Манолева на министерскиот состанок.
Извор: Влада