spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМВР: Спасовски од Берлински процес во Тирана - Целосно сме посветени кон...

МВР: Спасовски од Берлински процес во Тирана – Целосно сме посветени кон европеизација и приближување до европските системи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  учествуваше на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес која во периодот од 13 до 15 септември се одржува во Тирана, Република Албанија, а на која учествуваат министри за внатрешни работи од регионот и земјите партнери на Берлинскиот процес. Министерот Спасовски се обрати во рамки на двете сесии на темите “Интегрирано гранично управување на Западен Балкан”, “Регионална соработка во борбата против организиран криминал”, и “Партнерство за сајбер безбедност на Западен Балкан”.

Изразувајќи благодарност во свое и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, до Министерството за внатрешни работи на Република Албанија за организирањето на Конференцијата на министри за внатрешни работи, како и за континуираноста на Берлинскиот процес посветен на европската интеграција на регионот на Западен Балкан, министерот Спасовски истакна дека соработката започна под закрила на Берлинскиот процес, продолжува како Берлин плус, со надеж да се постигне оперативна соработка како „Берлин на квадрат“, удвојувајќи ја ефективноста и ефикасноста на работата и соработката.

Во однос на темата “Регионална соработка во борбата против организиран криминал”, Спасовски потсети на Заедничката декларација за начелата на соработка во областа на размена на информации за спроведување на законот, изработена од Управната група за преземени обврски од областа на безбедност во рамки на Берлинскиот процес.

Исполнувајќи една од задачите утврдени во рамки на споменатата Управна група за реализирање на Мапирачка вежба за идентификување на добри практики и евентуални недостатоци, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во 2021 година реализираше симулациска вежба за размена на информации во реално време за заштита на критична инфраструктура во Западен Балкан, со учество на полициски службеници и обвинители од земјите од регионот. Министерството за внатрешни работи на Република Италија, односно проектот ИПА 2019 „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“, изготви извештај од вежбата, утврдувајќи добри практики и препораки за подобрување на меѓународната полициска соработка во размената на информации. Денес, од оваа перспектива и повторно под закрила на Берлинскиот процес би сакал да предложам спроведување на уште една ваква симулациска вежба, но не само помеѓу земјите од Западен Балкан, туку и со вклучување и на земјите од ЕУ – партнери во овој процес”, истакна министерот Спасовски.

Во однос на темата “Интегрирано гранично управување на Западен Балкан”, министерот Спасовски истакна дека земјите од Западен Балкан покажаа силна посветеност во реформите и решителност за нивно спроведување. „Прашањето околу миграциските политики, особено после настаните од 2015 година што директно ги почувствувавме сите ние не само во регионот, туку и во цела Европа, несомнено и во годините пред нас, ќе биде една од приоритетните теми на општествено-политичките агенди. Евидентен е фактот дека илегалната миграција единствено може да се превенира, а миграцијата да се менаџира само доколку постои силно партнерство и соработка на сите европски држави што, пак, претпоставува високо ниво на координација, солидарност и стандардизираност. Како дел од Западен Балкан, Република Северна Македонија го поздравува донесувањето на Акцискиот план за Западен Балкан, во кој ЕУ ја повтори својата посветеност на поддршка на земјите од регионот. Во повеќе наврати, ние како земји од Западен Балкан, покажавме силна посветеност во реформите и решителност за нивно спроведување”, истакна министерот Спасовски.

На темата “Партнерство за сајбер безбедност на Западен Балкан”, Спасовски истакна дека еден од клучните фактори за успешна заштита на критичната инфраструктура на државите од сајбер нападите е силната меѓународна соработка помеѓу земјите и агенциите за спроведување на законот. „Како последна, но не помалку важна тема на која ѝ даваме приоритет е соработката во областа на сајбер безбедноста, имајќи предвид дека сајбер нападите на институциите и организациите се случуваат во секој момент.

Државите и агенциите за спроведување на законот се во постојана борба за спречување на ваквите напади и заштита на критичната инфраструктура, нешто што бара издвојување на големи материјални средства и професионален кадар за успешно справување со овој тип на закани. Брзата размена на информации и споделување на искуства често знае да биде клучниот фактор за заштита на системите од напади, кои можат сериозно да го парализираат функционирањето на системот, но и за преземање превентивни дејствија за нивно спречување. Воспоставувањето на мрежа експерти ќе претставува обединет фронт со основна задача брза размена на информации, засилено вмрежување и подобрување на соработката помеѓу единиците за сајбер криминал на земјите од регионот и пошироко. Единствено што дополнително треба да се има превид е да избегнеме отворање нови платформи, туку да ги искористиме веќе постоечките, со што ќе ги зачуваме сопствените ресурси и ќе ја задржиме ефективноста”, рече министерот Спасовски.

Истакнувајќи го значењето на Берлински процес како платформа која е единствена по својот формат и која на највисоко политичко ниво се фокусира на земјите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од Европската унија, министерот Спасовски рече дека Берлинската иницијатива е многу потребниот поттик во подготвувањето на земјите за идно членство во ЕУ.  „Посебно што во овој период, како регион сме длабоко навлезени во евроинтеграциите, а европското присуство и ангажираност имаат огромно значење. Остануваме целосно посветени на нашата европска агенда и продолжуваме понатаму со ненамален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон европеизација на нашата земја и нејзино приближување до европските системи, настојувајќи во создавање на долгорочни партнерства за нашите идни генерации”, истакна министерот Спасовски.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте