Се навршуваат 79 години од ослободувањето на Струмица. Овој најголем празник за струмичани беше одбележан со пригодна свеченост којашто се одржа на Спомен костурницата.
За историското значење на овој ден и за придобивките што тој на градот му ги донесе во изминатите 79 години, пред присутните на одбележувањето зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој меѓу другото рече:
-„Слобода“, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. Слобода е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство.
Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и девет години. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така им ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв.
79 години слободна Струмица, тоа значи 79 години – надградба на традиционалните вредности, 79 години – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утро, 79 години – прогрес и растеж, и конечно 79 години – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е поучно четиво кое треба да се повторува. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град.
Градоначалникот Костадинов во свое лично име и во името на Општината, со полагање свежо цвеќе им оддаде почит на загинатите борци, а цвеќе положија и претставници на на институции, организации и политички партии.