По граѓанската обврзница се одржа аукција и зелената обврзница, а следува и воведување нов финансиски инструмент на пазарот на капитал – проектна обврзница, најави министерот за финансии Фатмир Бесими за регионалниот сајт „СиЊуз“.
„Министерството за финансии планира да воведе нов инструмент на пазарот којшто ќе биде наменет за финансирање инфраструктурни проекти, што е дел од новата стратегија за диверзификација на понудата на пазарот на капитал“, вели министерот Бесими.
Министерот додава дека новите проектни обврзници ќе претставуваат алтернативен начин за институционалните инвеститори за финансирање инфраструктурни проекти.
Тој се осврна и на веќе воведените граѓански обврзници и зелената обврзница.
„Министерството за финансии во јули годинава издаде двегодишни граѓански обврзници во износ од 1,448 милијарди денари (23,6 милиони евра), со фиксна каматна стапка од 5% годишно, што е двојно повеќе од планираниот износ од 600 милиони денари. Министерството веќе подготвува и втора емисија на граѓански обврзници“, посочи министерот и додаде дека ова е инструмент кој постојано ќе биде присутен на пазарот на капитал и ќе биде достапен за граѓаните.
Како што истана, денеска се одржува аукција за зелената обврзница од која се очекуваат 10 милиони евра, кои ќе бидат искористени за поддршка на зелени проекти преку Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка.
Новите видови државни хартии од вредност, како што наведува министерот, се дел од Стратегијата за управување со јавниот долг и Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност и во согласност со Планот за забрзан економски раст и сите имаат развојна компоненета и се насочени кон поддршка на проекти планирани и во согласност со Буџетот.
Извор: Министерство за финансии