Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со поздравно обраќање го почна дводневниот Министерски форум посветен на Внатрешни работи и Правда ЕУ – Западен Балкан 2023 под покровителство на шпанското претседателство.
На присутните гости како Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јовансон, министерот за внатрешни равботи на Кралството Шпанија г-н Гранде-Марласка Гомез, кој го претставува Претседателството на Советот на ЕУ, министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан и други високи претставници на ЕУ, Европол, Фронтекс , им посака добредојде на овој исклучително важен министерски собир кој е уште еден доказ за нераскинливата врска на регионот со европското семејство – географски, стратешки, вредносно.
„Посебна чест ми претставува што токму Република Северна Македонија, за само четири години повторно ги отвори вратите како домаќин на Форумот ЕУ – Западен Балкан, овој пат во момент кога светот, како никогаш досега во поновата историја не бил пред така силни геополитички, па и цивилизациски предизвици, кои нужно бараат соодветни и глобални одговори. Оти едноставно, никој не е заобиколен од последиците коишто можат, во годините пред нас, да произлезат од актуелните случувања.“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски изрази уверување дека преку овој форум ќе исползуваме илустративно да ги прикажеме нашите резултати и постигнувања во изминатиот период, да се разменат мислења и ставови кои ќе дадат придонес кон зајакнување на соработката и заедничките политики.
„Тука, особено би го истакнал зборот „заедништво“. Бидејќи не случајно сме собрани овде сите заедно. Факт е дека креирањето на заедничките политики е само предуслов за заедничко функционирање во рамки на Европската Унија. Вратата е отворена. Од нашите заложби зависи дали ќе го преминеме прагот. Но она што сигурно знам е и дека решително чекориме напред. Европскиот моментум е неминовен.“, поентираше министерот Спасовски.
На крај министерот Спасовски уште еднаш се заблагодари на Претседателството на Советот на ЕУ – Кралството Шпанија за укажаната чест да бидеме домаќини на овој Форум и до Европската Унија и до еврокомесарката Јохансон, кои ги препознаваат нашите безрезервни заложби за што побрзо приклучување кон европското семејство.
Извор: Влада