Во Скопје во период од 17ти до 19ти Октомври 2023 година се одржа работилница на тема ,,Како процесите на управување со ризик за усогласеноста влијаат врз даночниот морал’’.
Работилницата ја организираше Управата за јавни приходи и Меѓународната организација ,,Центар за развој на финансиите” – ЦЕФ која е со седиште во Љубљана, Словенија.
Настанот го отворија директорката на УЈП, Сања Лукаревска и директорката на ЦЕФ Јана Репаншек.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска во своето обраќање појасни дека во Управата за јавни приходи се користат низа алатки за идентификација на даночните обврзници за навремено, доброволно исполнување на обврските, олеснување на постапките за регистрација, пресметување, пријавување и плаќање на даноци, и истакна дека преку соработките со останатите меѓународни организации и поддржувачи, низ проекти и обуки се унапредуваат не само процесите туку и капацитетите на даночната администрација и се имплементираат мерки кои ќе придонесат да се зголеми даночниот морал, а целта е праведна и ефикасна наплата на даноците и другите јавни давачки со висок степен на доброволна усогласеност.
Директорката на ЦЕФ Јана Репаншек која се обрати онлајн, се заблагодари на директорката Лукаревска за организација на настанот и рече дека ваквите настани овозможуваат вмрежување на даночните администрации, а споделувањето на знаењето, најдобрите практики и искуства преку ЦЕФ е клучно за прогресот на даночните администрации.
Работилницата даде осврт на даноците во поинакво светло. Наместо даночните закони, процедури, рокови и даночни пријави, тема на дискусија беше што е тоа што влијае на општествените вредности, верувања и перцепции кои водат кон градење на ставот и однесувањето на поединецот според принципот на солидарност и чесно и одговорно плаќање на данокот. Учесниците на работилницата се запознаа и со глобалните и регионалните трендови на даночниот морал, социо-економските и институционалните фактори како и негувањето на култура на усогласеност. Претставници од Управата за јавни приходи како домаќини на настанот, појаснија како Управата за јавни приходи придонесува за градење доверба меѓу даночната администрација и даночните обврзници како и активностите и инструментите кои ги презема институцијата за зголемување на даночниот морал и подигање на даночната свест.
На тридневната работилница посебно внимание се посвети и на улогата на пристапите за управување со ризик за усогласеност, алатките кои треба да се изберат во одредени ситуации и преку подобрени процеси да се обезбедат брзи и квалитетни услуги и поголема транспарентност, а учесниците од Црна Гора, Албанија, Косово, Република Српска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Ерменија, Холандија, Шведска, Монголија, ОЕЦД и претставниците од Управата за јавни приходи кои ги споделија своите искуства, се сложија дека визијата на сите даночни администрации е создавање на општество каде секој ќе го плаќа својот фер дел.
Извор: Управа за јавни приходи