“Добивме силна поддршка од Стејт департментот за целокупниот напредок на државата”
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи денес се обрати на Форумот за Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, организиран од страна на Македонско Американската Алумни асоцијација.
“Добивме силна политичка поддршка од Стејт департментот во насока на реализација на предвидените проекти, имајќи предвид дека тие ќе придонесат за понатамошно унапредување на демократските процеси, зајакнување на институциите, поттикнување на реформските процеси, а со тоа и гарантирање на целокупниот напредок на државата”, рече Министерот.
Тој нагласи дека Стратешкиот дијалог се претвори во сериозна платформа чија цел е унапредување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со конкретен план на активности, односно конкретни проекти за соработка во одбраната, економијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борба против корупција, владеењето на правото, трговијата и други области.
На форумот на кој учествуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер како и претседателката на Македонско Американската Алумни асоцијација, Верица Јорданова, Османи се осврна на образовната соработка.
“Би скакал да изразам големо задоволство од поддршката на САД за бројните стипендии за повеќе академски, професионални и културни програми за размена, како што се: Фулбрајт; Hubert H.Humphrey; Kennedy- Lugar Youth Exchange and Study; Benjamin Franklin Transatlantic Summer Institute, како и програми кои овозможуваат студиско усовршување во образовни институции во САД”, изразувајќи притоа задоволство за неговото учество во програмата Open World, како добра прилика за размена на искуства и стекнување со нови знаења и контакти.
На 2-ри јуни минатата година, во Вашингтон, Османи и американскиот државен секретар, Антони Блинкен го лансираа дијалогот, со што Северна Македонија стана првата земја меѓу шесте земји од Западниот Балкан што го започна овој значаен процес.