Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во рамки на Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба се сретна со помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер со која разговараше за македонско-американската одбранбена соработка, заедничките обуки и вежби, како и за улогата на нашата држава во регионалната безбедност и стабилност.
Министерката Петровска изрази задоволство од резултатот на состанокот на А5 иницијативата и отворените дискусии на сесиите кои уште еднаш ја потврдија решеноста на земјите членки за соработка во одбраната и безбедноста, во справувањето со дезинформациите и хибридните закани и во поддршката за решавање на сите отворени прашања низ дијалог и соработка.
Улогата на САД како покровител на иницијативата е од особено значење за нејзиниот успех –подвлече Петровска.
Во контекст на стратешкото партнерство и сојузништво меѓу Северна Македонија и САД, Петровска се заблагодари за поддршката на САД во развојот на капацитетите на одбраната.
„Посветени сме на нашето сојузништво и меѓусебната поддршка. Благодарни сме за сета досегашна американска поддршка во развојот на македонската Армија и особено во модернизацијата и опремувањето на вооружените сили. Северна Македонија обрнува посебно внимание на овој процес, со постојано зголемување на инвестициите во одбраната кои ќе продолжат и во 2024 година“, рече министерката.
Петровска се осврна и на заедничките вежби за кои рече дека се најдобар начин да се изгради интероперабилност помеѓу сојузниците.
„Високо ја цениме секоја можност да вежбаме и да се обучуваме заедно зашто така учиме едни од други и едни за други. Овие вежби нè прават посилни и побезбедни“, потенцираше Петровска која го спомена и полигонот „Криволак“, како капацитет кој изминатите години ја покажа својата вредност како полигон за обука.
Министерката Петровска и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Валандер разговараа и за предизвиците по глобалната безбедност, при што уште еднаш ја осудија руската агресија врз Украина .
Помошничката на секретарот за одбрана Валандер истакна дека САД ја ценат конструктивната улога на Северна Македонија за стабилноста на регионот и ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во развојот на одбранбените способности.
Извор: Влада