Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата за мерката за финансиска поддршка за остварено и продадено или складирано производство на пченица.
Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за мерка 1.1 од програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година и кои имаат засеани и ожнеани површини со пченица и оствареното производство го имаат продадено или складирано кај регистриран откупувач во период од 15 јуни до 31 август 2023 година, вклучително и за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Максималната количина на пченица која е прифатлива за финансиска поддршка е 5000 килограми по пријавен хектар.
Висината на финансиската поддршка изнесува 3 денари по килограм, а со истата се стекнаа 3397 земјоделски стопанства регистрирани во ЕРЗС за кои се одвоени 211.6 милиони денари.
“Оваа мерка беше усвоена од Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, откако низ разговорите со производителите и откупувачите беше утврдено дека откупната цена на пченицата не ги покрива трошоците за нејзиното производство. На тој начин произлезе потреба од креирање на мерка со која државата финансиски ќе ги поддржи производителите кои ја продале производената пченица, но и оние кои одлучиле да го складираат своето производство,, – истакна директорот Бачовски.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој