„Институциите им припаѓаат на граѓаните и тие постојат со примарна цел да одговорат на нивните потреби. И тоа треба да биде водечка мисла при обликувањето на политиките и решенијата, при нивната имплементација и при следењето и мерењето на ефектите од нивното спроведување“, изјави заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на работилницата „Институции за граѓаните“, организирана од Центарот за управување со промени, во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето“, кој се спроведува во соработка со Владата на Република Северна Македонија, а со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Вицепремиерката Грковска во своето обраќање истакна дека воспоставувањето на методи за јасно планирање и мерливи индикатори за следење на јавните политики претставува прашање од суштинска важност, особено ако се има предвид дека со децении се провлекуваат бројни слабости во процесите на планирање, како и разлики на секторско ниво, а особено во мерењето на ефикасноста и успешноста на политиките. Таа изрази надеж дека важноста на овие процеси ќе биде препознаена од сите понатамошни влади и дека методите кои сега се воведуваат ќе станаат редовен и вообичаен начин на работа на државните институции.
„Вклучувањето на принципите на добро управување во секојдневната работа на администрацијата носи бројни придобивки – поголема ефикасност и сосредоточеност кон резултати, отвореност, отчетност, јакнење на интегритетот и одговорноста на лично и институционално ниво, како и поголемо ниво на транспарентност“, посочи Грковска и додаде дека сите овие елементи директно влијаат за намалување на просторот за коруптивни практики во јавниот сектор и за зголемување на довербата на граѓаните во институциите на системот.
На настанот, на кој се обрати и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, како и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска, беа презентирани клучните вредности и стандарди што ја сочинуваат концепцијата на добро управување, а кои сега се вклучуваат како интегрален дел на работата на јавната администрација. Исто така, претставен беше новиот метод на планирање и следење на јавните политики преку јасни цели и мерливи индикатори, кој веќе е тестиран во секторите јавна администрација, земјоделство и економија.
Извор: Влада