Министерството за образование и наука распредели над 240 милиони денари со кои ја поддржа работата на научно – истражувачките работници и го стимулира развојот на науката. Со овие средства се модернизираа условите во повеќе лаборатории на високообразовните и научните установи, се акредитираа нови методи за работа, а воедно и се финансираа 7 проекти од посебен јавен интерес на седумте јавни научни установи во државата.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири при денешната посета на Градежниот факултет во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со која ја започна посетата на високообразовните и научните установи кои во изминатите две години добија средства за модернизација на лабораториските ресурси, односно за обезбедување на современа опрема во рамки на лабораториите каде спроведуваат истражувања, научни проекти и реализираат практична обука за студентите.
„Идејата е да ја увидам искористеноста на набавените нови ресурси, користа која тие ја обезбедуваат и секако, да продискутираме со раководствата и кадарот на високообразовните и научните установи околу сето тоа што е нивна тековна потреба, предизвик и заеднички да го дефинираме правецот на делување во иднина, од аспект на обезбедување на вистинската поддршка и помош“, рече Шаќири.
Министерот информираше дека Градежниот факултет добил околу 5 милиони денари од министерството, со кои се обновија две лаборатории, каде дел од магистрантите и докторандите ги имаат сработено и одбрането своите тези, а воедно лабораториите се користат и при изградбата на коридорите 8 и 10-д.
„Согласно информациите кои ми беа презентирани, во овие лаборатории веќе се спроведени некои позначајни анализи и истражувања, па дури и се користат при изгадбата на двата коридори како крупни проекти од национален интерес, и тоа особено ме радува, затоа што, потврдува дека идејата која МОН ја реализираше, за прв пат, после 10тина години, а во насока на стимулација на науката и научно – истражувачката апликативна дејност, е вистински чекор и дава ефект“, рече Шаќири, додавајќи дека како министер за образование и наука ќе се заложува ваквиот тип на поддршка да продолжи и во иднина и тоа со постојан раст на наменските буџетски средства.
„Науката и знаењето на граѓаните се нашите основни ресурси со кои можеме да му конкурираме на развиениот свет и не ни преостанува ништо друго, освен токму таму и да се фокусираме и да вложуваме“, нагласи министерот.
За време на посетата, Шаќири информираше дека пред неколку дена креирана е драфт верзија на Стратегијата за паметна специјализација на Северна Македонија.
„Станува збор за стратешки документ кој дефинира за што државата има најголем потенцијал, односно што може најдобро да прави и да понуди на глобалниот свет и токму во тоа да се вложува. Документот е објавен на нашата веб страна и нека биде ова една покана до експертската јавност, академската и научната фела, да го разгледаат и да дадат свој придонес во креирањето на конечната верзија на стратегијата, која ќе биде водилка на државата во идниот период“, рече министерот за образование и наука.