Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на вториот состанок на советодавната група на РОМАКТЕД програмата. На отворањето на настанот покрај министерката Тренчевска се обратија и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и Марина Васиќ, Програмската менаџерка на Совет на Европа. На состанокот се потпиша меморандум за соработка за вклучување на децата Роми во предучилишното образование. Оваа година поддршка на Министерството за труд и социјална политика во инклузијата на деца Роми во предучилишното образование и воспитание е УНИЦЕФ. Настанот е во организација на РОМАКЕД и Институтот за истражување и анализа на политики.
Тренчевска на отворањето на состанокот истакна дека за неа од особена важност е децата да добиваат можности, особено децата од ранливите семејства кои изминатите децении биле надвор од системот на предучилишно образование.
„Проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“, Министерството за труд и социјална политика го имплементира во соработка со Ромскиот Образовен Фонд од Будимпешта, Единиците на локална самоуправа и Јавните општински установи-детски градинки од 2006 година. Целта на овој Проект е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, намалување на јазичните бариери, инклузија на децата и нивна социјализација, како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца. Во текот на овие 17 години од имплементацијата на Проектот беа вклучени бесплатно околу 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини. Токму затоа со денешното потпишување на трипартитните договори се надеваме дека опфатот на деца Роми во предучилишното образование ќе се зголеми. Во интеграцијата на децата Роми во предучилишното образование оваа година наш главен партнер е УНИЦЕФ“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во последниот Извештај за Прогресот на Република Македонија на Европската Комисија, овој Проект беше посочен како успешен модел за зголемување на нивото на образование кај ромската популација и посочи дека истиот има придонесено за зголемување на стапката на запишување на децата во прво одделение кое значително го подобрува развојот на децата Роми.
„Во ова Едно општество за сите ќе продолжиме да се залагаме ниту едно дете во нашата држава да не биде изоставено од системот на предучилишно воспитание и образование и секое дета да има еднаква шанса за исполнување на својот потенцијал“ рече Тренчевска.
Извор: Влада