Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со амбасадорот на Кралството Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија и претставници на фирмата консултат “Глобатек” го потпишаа договорот за реализација на уште еден значаен капитален проект во делот на наводнувањето на земјоделското земјиште.
Денешното потпишување на договорот следува откако на 9 јануари 2024 година, Владата на владина седница, ја усвои предложената информација од нас како министерство, за обезбедени грант средства за подготовка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки во Националната мрежа за наводнување.
„Станува збор за грант средства, поддршка во рамки на Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија, во вредност од 765.158,00 евра“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.
Реализацијата на активностите, кои се предвидени, се поделени во неколку фази. Првата фаза предвидува идентификување на локации за поставување на пловечки фотоволтаични постројки. Потоа втората фаза опфаќа развој на концептен дизајн и физибилити студија, додека третата фаза предвидува подготовка на предлог проекти за поставување на пловечки фотоволтаични постројки.
„Употребата на ваквата технологија, со поставување на пловечки фотоволтаици, веќе се користи во неколку земји од Европа, како на пример Шпанија и Белгија, а изведените пловечки соларни постројки се главно искористени во Секторот за наводнување и управувани од соодветните организации за наводнување, што му овозможува на земјоделскиот сектор да биде независен и поодржлив“ истакна министерот Николовски.
Министерот Николовски во своето обраќање додаде дека преку овој проект, како министерство, дополнително вложуваме во развој и модернизација на националниот систем за наводнување на земјоделското земјиште, директно помагајќи го производството на секој еден земјоделец.
Нема стабилно земјоделство, без стабилен и модерен систем за наводнување на земјоделското земјиште. Токму вложувањето во водоснабдителни капацитети е еден од нашите клучни приоритети во работата на министерството. Со средства на државата, но и средства поддршка од Европската Унија, градиме нови брани и системи за наводнување.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство