spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваНиколовски: 2024 е година на нови мерки во сточарството, 100% за зелена...

Николовски: 2024 е година на нови мерки во сточарството, 100% за зелена нафта и уште посилна поддршка за сите земјоделци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција до земјоделците ги презентираше новите мерки за 2024 година, за поддршка на секој еден земјоделец.

Ви ја пренесуваме интегрално прес-конференцијата на министерот Николовски.

„Почитувани земјоделци,

Владата ги усвои предложените годишни програми за работа на министерството за 2024 година. Уште еднаш на дело, како министерство и Влада, докажуваме дека, за нас, земјоделството е важен сектор, но и важна економска гранка за развој на домашната економија и одржлив развој во руралните средини.

Водиме искрена грижа за сите земјоделци. Креираме повеќе нови мерки поддржувајќи го секој еден земјоделец. Мерки според потребите на земјоделците, преку кои ќе постигнеме одржливост и развој во земјоделството. Мерки, како и секогаш, креирани во соработка и дијалог со земјоделците и подсекторските групи во министерството.

Креирајќи повеќе нови мерки за поддршка на сточарите, со право велиме дека оваа 2024 година ќе биде година на сточарството.

Поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци ја зголемуваме од 4.000 на 12.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства одгледувачи на говеда, и кои сопственото производство на млеко го предаваат на регистрирани откупувачи или продале говеда во преработувачки капацитети.

Се зголемува и поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет од 400 на 1.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства одгледувачи на овци и кози, кои имаат предадено јагне или гаре во регистрирани кланични капацитети, за периодот од 26 декември 2023, до 25 декември 2024 година.

Зголемување од 120 на 150 денари имаме и кај мерката за амортизирани несилки предадени во регистриран кланичен капацитет.

Зголемувањето кај овие мерки за сточарите има за цел да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо. Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финасиска поддршка.

Како држава годишно извезуваме околу 200.000 јагниња, а преку овие нови мерки, како министерство, очекуваме и раст во бројка на извезени македонски јагниња.

Креираме нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот. Ова е агроеколошка мерка, каде корисници се земјоделските стопанства, кои располагаат со ливади во своја сопственост или со договор за закуп и истите се користат за напасување или косење. Минималната површина со ливади која едно земјоделско стопанство треба да ја има е 1 хектар.

Го помагаме сточарството зголемувајќи ја платата за овчарите, од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари, а дополнително се трга досегашниот  критериум над 700 метри надморска висина. Ваквата мерка за сточарите ја обезбедуваме преку Програмата за рурален развој, помагајќи во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади.

Исто така стартуваше и процесот на вкрстена сообразност, поттикнувајќи ги земјоделските стопанства целосно да ги исполнат посебните услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина. Во случај, кога со контролите се утврдува неисполнетост на некои од пропишаните услови, за разлика од претходно, сега се врши намалување на директните плаќања. Од 1% до 100%, односно до целосно исклучување, во зависност од сериозноста, повторувањето, обемот и времетраењето на неусогласеноста.

Токму оваа 2024 година, сточарите, заедно со земјоделците ќе добијат авансна исплата на 30% од основните субвенции за 2024 година. Исплатата пак на дополнителните 70% од субенциите, кај сточарството се поврзува со предавање на производството во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица.

За поголем мотив, пред се кај сточарите, го менуваме максималниот износ на директните плаќања по корисник. Досега максималниот износ збирно за сите мерки од програмата за директни плаќања изнесуваше 18.450.000 денари. Сега со измените максималниот износ по корисник достигнува 18.450.000 денари збирно за мерките од растително производство и исто толку за мерките за сточарско производство.

Целта на ваквата измена е да ги мотивираме и поттикнеме сточарите во сопствено производство на храна за животните кои ги одгледуваат, што би придонело во намалување на нивните трошоци, но и во намалување на крајната цена на производите како месото, млекото и јајца.

Како што ветивме пред земјоделците, од оваа година поддршката до сите земјоделци за мерката зелена нафта ја зголемуваме на 100%.

Мерка воведена од оваа Влада, која за прв пат стартуваше во 2019 година. Тогаш со поддршка од 30% во трошоците за гориво на земјоделската механизација, за во 2022 година поддршката да ја зголемиме на 50% и денес поддршката за зелена нафта да достигне до 100%, од трошоците за гориво на земјоделската механизација. Поддржувајќи годишно 55.000 земјоделци.

Производителите на житни култури оваа година добиваат 3.200 денари по хектар поддршка за зелна нафта. За производителите на индустриски култури поддршката за зелена нафта изнесува 4.800 денари по хектар. Кај градинарството поддршката за зелена нафта изнесува 9.600 денари по хектар, додека кај овоштарите 12.000 денари по хектар. Производителите на орев и питом костен добиваат поддршка за зелена нафта од 6.000 денари по хектар.

Покрај сточарството нови мерки се предвидени и кај растителното производство.

Нова мерка креираме и за тутунарите. Основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Сите тутунопроизводители од оваа година, покрај субвенционирањето по класи, ќе можат во исто време заедно со другите земјоделци, да аплицираат и пријават површини по хектар. На тој начин да го стекнат правото за оваа нова мерка. Тутунарите преку оваа нова мерка, за прв пат, стекнуваат право и за мерката зелена нафта, во износ од 12.000 денари по хектар. Дополнително за оваа реколта креираме уште една нова мерка. Доколку вкупната откупена количина тутун не надминува 15.000 тони, за дополнителни 20 денари се зголемуваат субвенциите, по класи за предаден тутун.

Поголема поддршка даваме на лозарите за остварено производство на грозје.
60.000 денари по хектар, вкупна поддршка, за семејни земјоделски стопанства, кои го произвеле и продале винското грозје, врз основа на склучен договор со регистриран производител на вино, најдоцна до 30 април 2024 година со принос од најмногу 10.000 килограми по хектар и исплатена цена по килограм не пониска од 35 денари. Од кои, 12.000 денари авансно и 48.000 денари дополнителна поддршка.

Ваквата мерка е во насока за постигнување на поставените цели од Стратегијата за развој на лозарството и винарството, зголемување на производството флаширано вино, зголемен квалитет на македонското вино и неговата вредност на странските пазари.

Ги охрабруваме производителите на винско грозје и винарските визби, уште во период на првите агротехнички мерки, да го договорат начинот на одгледување на лозовите насади. Со цел добивање на суровина за производство на високо квалитетни вина, кои ќе бидат препознаени на странските пазари и ќе постигнат цена, што ќе ги задоволи и производителите на вино и производителите на грозје.

Зголемената подршка е само почеток во низата на мерки за развој на лозарството и винарството. Имајќи во предвид дека со новиот закон за вино, кој е веќе во собраниска постапка, предвидуваме посебна програма за финансиска поддршка во развој на лозарството и винарството. Програма каде се предвидуваат дополнителни мерки согласно политиките на Европската Унија, за одржување и развој на лозарството и винарството.

Поддршка за лозарите, преку програмата за рурален развој, обезбедуваме во зачувување на нашата македонска автохтона винска лоза Станушина. Поддршката се реализира преку програмата за директни плаќања, во висина од 5.000 денари, по хектар. Корисници се земјоделски стопанства, кои имаат засадена минимална површина од 0,2 ха со автохтоната сорта Станушина.

Нова дополнителна мерка креиравме и за овоштарите. Целокупното производство на јаболка, индустриски и конзумни, предадени кај регистрирани откупувачи, или регистрирани преработувачки капацитети, го поддржуваме со дополнителни 2 денари по килограм.

Со 10 милиони евра, преку програмата за рурален развој го модернизираме македонското земјоделство. Ја продолжуваме поддршката кон сточарите во набавка на педигриран добиток. Вкупно 194 апликации пристигнаа на последниот повик за поддршка при набавка на педигриран добиток, кој заврши на 16 ноември 2023 година. Пристигнатите апликации веќе се обработуваат од страна на Платежната Агенција, а поддршката која ја даваме изнесува 10 милиони денари по корисник, што претставува кофинасирање од 50 до 75 проценти.

Поддршката од оваа мерка се однесува за набавка на високостелни педигрирани јуници за млеко, месо и комбинирани, со исклучок на расата Буша. Како и набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци, кози и свињи.

Преку програмата за рурален развој, продолжува поддршката за младите земјоделци и руралната жена, а оваа 2024 година поддршка на земјоделците обезбедуваме, при набавка на комбајни за жито и набавка на трактори.

Успешните мерки за грант поддршка во набавка на опрема за производство кај малите производители на храна, малите семејни винарии и малите дестилерии ги продолжуваме и во 2024 година. Продолжува поддршката и за мерката бизнис план во земјоделството, мерка со која ги помагаме земјоделците, чија основна дејност е земјоделството, при набавката на опрема и земјоделска механизација.

Со 60 милиони денари даваме поддршка во меѓународна промоција на македонските производи. Учествувајќи на 17 реномирани меѓународни саеми, каде заедно со нашите еконмски партнери, ги промвираме македонските вина и земјоделски прозиводи, отворајќи нови пазари за пласман на нашето производство.

И оваа година имаме на располгање отворена Интервентна програма, со која можеме во секое време да обезбедиме поддршка повеќе за секој земјоделец.

Распишавме 4 јавни повици за добивање под закуп, земјоделско земјиште во сите села низ државата, овозможувајќи го правото на земјоделците сами да одберат парцели до 3 хектари. Наша цел како министерство е секоја една обработлива земјоделска површина да ја ставиме на располагање до земјоделците и во функција за производство на домашна храна.

Земјоделците во првата половина од годината можат да го очекуваат и повикот за мерката 3 од ИПАРД 3 програмата. Од страна на Платежната Агенција започнат е процесот за обработката на пристигнатите апликации од првиот повик, што го распишавме од ИПАРД 3 програмата, за мерките 1 и 7. Веќе за втората половина од годината очекуваме да се склучат и договорите од првиот повик за мерките 1 и 7, како и нов повик за овие мерки од ИПАРД 3 програмата.

Дополнително оваа година се акредитира и нова ИПАРД мерка – Инвестиции во рурална јавна инфраструктура, наменета за едниците на локалната самопуправа. Мерка во вредност од 17 милиони евра, која на општините им дава можност со европски средства, преку ИПАРД програмата, да реализаираат проекти во руралните населени места, известирајќи во патна инфраструктура, водоводи, канализација, детски игралишта и други проекти во интерес на граѓните.

На 100.000 денари ја зголемуваме поддршката за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените, со статус на осигуреник-индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Право на жената земјоделка, кое за прв пат, го креиравме минатата година, преку новата програма за социјална сигурност на жените, што вршат земјоделска дејност.

Успешниот проект ЗДРАВ ОБРОК ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ го продолжуваме. Со буџет од 40 милиони денари и оваа година повторно, го помагаме откупот на домашно свежно овошје кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од реколта 2024, што како здрав оброк ги дистрибуираме до сите дечиња во детските градинки низ целата држава.

Заедно со земјоделците и оваа година продолжуваме со силна и прогресивна земјоделска политика. Посветено работејќи во интерес на секој еден земјоделец, креирајќи заедно мерки и политки за уште поголем развој на македонското земјоделство.

Земјоделскиот сектор е еден од клучните столбови на државата. Во таа насока апелирам и упатувам замолница, до вас медиумите, како гласник на граѓаните, да ја следите работата на министерството, навремено информирајќи ги земјоделците за новите мерки кои им се ставаат на располагање. Бидејќи само така можеме да успееме во уште поголем развој на  македонското земјоделство.“

Презентација

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Илинден: Промовирана Монографија на Здружение на пензионери „Илинден“

0
Градоначалникот на Општина Илинден присуствуваше на промоција на првата Монографина на Здружението на пензионери „Илинден“, која е издадена под покровителство на Општина Илинден. Во ова...