Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го заврши присуството на јубилејната, 60-та Минхенска безбедносна конференција, којашто шест децении претставува платформа за постигнување мир преку дијалог, и е добра можност, за реафирмација на цврстата определба на Северна Македонија кон евроатлантскиот пат и демократските вредности.
Премиерот Џафери, заедно со уште 450 политички лидери, преку присуството на панелите, неформалните разговори и билатералните средби, ја сподели определбата на Северна Македонија во стратешко партнерство со САД, придонес и членство во НАТО и забрзана интеграција кон ЕУ. На конференцијата, беше усогласена определбата кон помирување наместо одмазда и во зајакнување на регионалната соработка – како дел од патот кон целосна интеграција во Европската Унија.
Од исклучителна важност е улогата на САД и нивното лидерство во глобалната безбедност. Слободниот демократски свет повторно се соочува со одбраната на демократските вредности, наспроти растечкото диктаторство на авторитарните актери.https://www.youtube.com/embed/b4edDfTnSns?si=t73hbmm3ku-d-QS5
На панелите на кои се обратија потпретседателката на САД, Камала Харис, Канцеларот Шолц, Претседателот на Украина, Зеленски и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, потврдена е поддршката за Украина во одбраната на овие вредности. Нагласена е потребата од ангажирана помош кон Украина во обезбедувањето на воена опрема и помош, и зацврстување на позицијата на Украина. Во однос на НАТО, потврдено е дека без разлика на растечките закани, НАТО станува побројно, посилно и поотпорно од кога било досега. Германија инвестира во својата одбрана сѐ повеќе, и ја нагласува потребата од европските земји да преземаат повеќе за безбедноста и сега и во иднина, со цел да се јакне политиката на одвраќање.
На билатералните средби со партнерите од Европа и светот, беше нагласено дека изборите се одредница за евроатлантските перспективи на Северна Македонија, но и од голема регионална важност. Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е политички, безбедносен и економски интерес на регионот и на Унијата, и геостратегиска инвестиција во стабилноста на европскиот континент и пошироко. На средбите со лидерите од регионот и партнерите, потврдена е определбата кон евроатлантски регион, посветен на европски квалитет на живот, отпорен на штетни национализми, дезинформации и потпалувачки наративи – закана за прогресот насекаде.
Извор: Влада