Од денеска во просториите на Општина Илинден, започна со работа едношалтерски систем, каде граѓаните ќе можат да поднесат документи на едно место.
Според градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, со овој нов поедноставен концепт, граѓаните на едно место ќе можат да ги добијат сите информации како наједноставно да поднесат документ во делот на урбанизам, инспекторат, одделението за даноци, наплата на сметки од ЈКП „Водовод“ и ЈКП „Илинден“. Овој проект овозможува скратување на времето на граѓаните за вадење на потребните документи и плаќање на сметките за вода и комунални услуги.
-Воедно во изминатиот период воведовме сет мерки и активности за подобрување и на условите на вработените во општинската администрација во повеќе области. За таа цел набавени се нови 25 компјутери, 7 принтери и скенери, 20 мобилни апарати и службени броеви, после долги години се изврши уредување и реновирање на работните простори, пришто се олеснува работењето на вработените а се подобруваат и услугите кон граѓаните. Во изминатиов период за прв пат од кога постои Општината, во соработка со државниот архив извршивме целосен опис и попис на архивскиот материјал од трајна вредност, како и документарен материјал со кои располага Општината пришто беа обработени вкупно 284 архивски кутии со архивски материјал од трајна вредност и 613 архивски кутии со документарен материјал со изминати рокови на чување, за кој беше добиена согласност од Државниот архив за негово уништување.
Исто така на барање на вработените за прв пат е формиран и синдикат на вработените на општинската администрација пришто, потпишан е колективен договор, со кој уште повеќе се унапредуваат работничките права, а зголемени се и личните примања на општинската администрација за разлика од државната администрација, како и други мерки и активности со цел подобрување на условите и услугите на локалната самоуправа, изјави градоначалникот Георгиевски.
Проектот „Едношалтерскиот систем“ е уште еден реализиран проект од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски.
Извор: Општина Илинден