Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска учествуваше на петтиот јубилеен Ден на Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) во Република Северна Македонија, на кој се разговараше за актуелностите во НИПП, а беа презентирани и постигнатите резултати во нашата држава, како и позитивните искуства од државите од регионот.
Во своето воведно обраќање, министерката Шукова информираше дека Министерството за животна средина и просторно планирање од самиот почеток е активно вклучено во воспоставувањето на Националната инфраструктура за просторни податоци и Геопорталот на НИПП кој овозможи интегрирање на просторните податоци од различни извори во една мрежа, а учествуваше и во изработката на законското решение, а подоцна и во номинирање на член во советот и работната група за технолошки прашања.
– Во последниве неколку години нашето Министерство засилено инвестира во развој на ВЕБ ГИС апликацијата за прибирање, обработка и презентирање на геопросторните податоци од делокругот на работењето на Министерството, а оваа година обезбедивме средства за изработка на ВЕБ базиран информативен систем и интегрирање на геопросторните податоци во гео-дата база согласно INSPIRE директивата. Наша цел и предизвик е да овозможиме побрза и поефикасна обработка на барањата испратени од заинтеренсираните субјекти што се однесуваат на просторна идентификација, издавање на мислења, одобренија, дозволи и слично, а пред се да го олесниме јавниот пристап до податоците поврзани со заштитата и следењето на животната средина – истакна таа.
Инаку, Министерството за животна средина и просторно планирање и Агенцијата за катастар на недвижности, која ги координира НИПП активностите и е надлежна за воспоставување и одржување на пристапот до геопорталот за НИПП, имаат потпишано Меморандум за соработка, со што е потврдена подготвеноста за размена на геопросторни податоци помеѓу овие две институции.
На настанот се обрати и Фатмир Битиќи, претседател на Советот на НИПП и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестициии директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев, а учество земаа и гости од повеќе земји од регионот кои го презентираа нивното искуство од областа на националната инфраструктура на просторни податоци.
Оџаклиеска на отварањето на обука на ИСРСМ наменета за експерти -претставници на индустријата и академијата од технички комитети
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање