Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
На Самитот, премиерот Џафери учествуваше во дискусијата на премиерскиот панел на кој учествуваа премиери од Западен Балкан, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, премиерот на Република Косово, Албин Курти, премиерот на Албанија, Еди Рама, и домаќинот на Самитот, претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.
На првиот дел од дискусијата, премиерите дискутираа на темата, „Зошто странските инвеститори би инвестирале во земјите од регионот“, на што премиерот Џафери истакна:
„Сведочиме на многубројни промени, кризи, конфликти со директен ефект врз сите глобални економии. Тука произлегува првиот одговор на прашањето зошто странските инвеститори би инвестирале во Северна Македонија – а тоа е поради нарушувањето на глобалните добавувачки ланци. Поради близината до европските центри, Северна Македонија е една од дестинациите за воспоставување на производство. Имаме добра локација, добри врски и пристаништа блиску до нас како Солун и Драч, па за кратко време производот произведен кај нас може да стигне до друга земја, односно до крајна дестинација.
Вториот аргумент е стабилната состојба на макроекономски и фискален план, интензивниот процес на хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ, поволното деловно опкружување и добро развиените програми за поддршка за инвеститорите. Тука ја вклучуваме и стимулативната даночна политика, меѓу другото и преку склучување на договори за одбегнување на двојното оданочување и даночната евазија. Северна Македонија нема закони кои ги дискриминираат странските инвеститори, ние ги сметаме за наши – бидејќи сите придонесуваат за иста цел – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Трет аргумент се значителните стимулации за компаниите кои работат кај нас. Тие вклучуваат различни мерки, и тоа: субвенции за отворање работни места и за капитални инвестиции, субвенции до 50% од прифатливите инвестициски трошоци за истражување и развој и поддршка на извозниците. Ниското ниво на оданочување на добивките на корпоративниот сектор и доходот на физичките лица, односно 10% стапка на корпоративниот данок и на данокот на личен доход, стимулира раст на економската активност и инвестициите. Кај нас успешно оперираат повеќе технолошки индустриски развојни зони кои се особено атрактивни за странските инвестиции.
Нашата држава предводи во регионот со имплементирани закони и подзаконски акти кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. Отпочнавме преговори со Европската Унија и членка сме на НАТО. Тоа нуди стабилност. Имаме склучено договори за слободна трговија со ЕУ (27 земји), ЕФТА (4 земји), ЦЕФТА (7 земји), Билатерална слободна трговија со Турција, Украина и Обединетото Кралство“.
Во вториот дел од панелот, премиерите ги дискутираа приоритетите на Владите од регионот како и прекуграничните соработки, на што премиерот Џафери нагласи:
„Република Северна Македонија, по донесување на Законот за енергетика, практично го либерализира пазарот на енергетското поле. Во тој контекст е атрактивна за инвестиции од обновливи извори, имајќи предвид дека земјава во текот на годинава има преку 250 сончеви денови. И, има можности за искористување на силата на ветрот за да може и тој извор да се користи. Од особено значење е електро-енергетската поврзаност со соседите. Во тек е проектот за поврзување со Република Албанија и со тоа фактички се завршува процесот на електро-енергетско поврзување со сите соседи.
Патната инфраструктура, со тоа и железничкиот дел од таа инфраструктура е од особено значење, имајќи предвид дека во тек се изградбите на железничката пруга Куманово – граница со Бугарија и со тоа се поврзуваме понатаму и со инфраструктурата со Бугарија. Коридорот 8 и дел од коридорот 10-Д којшто овозможува поврзување на релација Јон-Адриатик – Црно Море. Од геостратешки аспект е значењето на овој коридор, особено во однос на потребите од НАТО контекст, во потребите за движење и комуникација во логистичка смисла, апропо состојбите во регионот на Црното море, секако и на Блискиот Исток.
Во однос на енергетиката, секако се работи на интерконекторот, гасното поврзување со Грција, односно со Република Србија и тоа е во контекст на внатрешната потреба за гасификација на Република Северна Македонија и во тој контекст се и проекциите за тоа поврзување.
Тоа се во главно проектите. Дел од проектите ги спомна, поврзувањето со Република Косово, премиерот Курти. Во нашиот дел значи до половина стои како обврска и е потпишана билатерална спогодба и делот од Коридорот за поврзување на Коридорот 8 со автопатот Арбен Џафери делницата, средства финансиски се обезбедени. Во тек е постапката за избор на изведувач и да почне доградбата на таа делница. Целиот регион се поврзува автопатски и тоа придонесува да брзината на комуникација и во економска смисла, односно на она што би биле инвестиции и во нашиот дел. Низата други, помали проекти, не е ниту место ниту потреба таксативно да се спомнуваат, но има доста проекции кои се во тек и кои се интересни за присуство на странски инвеститори кои се добредојдени“.
Извор: Влада