(27 март, Богословец, Свети Николе) Денес, во близина на ветропаркот Богословец, Свети Николе, со симболично засадување дрвни садници во едно од најаридните подрачја на државата, се најави подготовката на Законот за заштита на почвата во Северна Македонија и големата акција за пошумување на значителни површини на екстремни и голи терени во државата.
Активностите се спроведуваат во рамките на ГЕФ/УНЕП проектот “Промовирање на одржливо управување со земјиштето, преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и обновување на најранливите планински предели подобрувајќи го управувањето со заштитените подрачја“ кој има за цел да ги адресира празнините не само во националната политика, законодавна и институционална рамка, туку и да направи практични теренски напори за запирање и спречување на деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите на ефективен, социјално прифатлив и одржлив начин во рамките на избрани пилот локации. Тоа ќе придонесе за воведување, тестирање и демонстрирање на нови методи и пристапи за борба против проблемите со деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите во нашата држава.
„ Свети Николе и ова подрачје не случајно се избрани за денешната акција. Подрачјето на Свети Николе е едно од најаридните подрачја во Република Северна Македонија. Се одликува со оскудна природна вегетација, големи температурни екстреми, мали количини на врнежи и силни воздушни струења (ветрови)“ истакна министерката Шукова потенцирајќи дека еден од најдобрите и најодржливи начини за заштита на почвата, борба со климатските промени и подобрувањето на животната средина е пошумувањето, т.е подигнување на нови шуми на поголеми површини.
Но, како што рече таа, не’ очекува многу работа бидејќи мораме областа правно да ја регулираме, бидејќи таа е единствен медиум на животната средина што не е правно регулиран и од таа причина започнавме со изработка на Закон за заштита на почвите.
“Овој закон ќе утврди не само насоки за одржливи практики за управување со почвата, туку и ќе ни овозможи да се справиме со деградацијата, ерозијата и загадувањето. Со поставување на јасни стандарди и регулативи, целиме да промовираме одговорно управување со почвата со што ќе обезбедиме здрав ресурс за производство на храна преку регулирањето на климатските услови и поддршката на одржливи прехранбени системи“ додаде Шукова.
„ЈП „Национални шуми“ континуирано ги спроведува активностите за пошумување низ целата територија на државата согласно Програмите и плановите. На годишно ниво се пошумува површина од приближно 500 хектари. Активно се вклучуваме во компонентата за пошумување на овој проект. Со тоа се интензивираат нашите активности и се засилуваат напорите за спречување на опустинувањето и деградацијата на почвите и земјиштето и се спречува ерозијата“ истакна м-р Маре Басова помошник директор во Национални шуми.
Реализацијата на проектот е поддржана од Глобалниот еколошки фонд (GEF), Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) и Министерството за животна средина и просторно планирање како краен корисник и многубројни партнери меѓу кои и Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – ИПЕК.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање