spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: РС Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики, потврден кредитниот рејтинг...

МФ: РС Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики, потврден кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед од „Фич“

Република Северна Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поткрепени од долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување од земјите со слични економски перформанси и евроинтегративниот процес, кој е основа на реформите на среден рок. Ова се фактори со коишто земјата во најновиот извештај на Кредитната агенција „Фич“, го задржа кредитниот рејтинг позициониран на „ББ+“ со стабилен изглед.

Како што наведува во извештајот „Фич“ очекува растот да зајакне во 2024 година, буџетскиот дефицит да се намали, а инфлацијата да се намалува.

Во 2024 година, според „Фич“, растот се очекува да зајакне на 2,9% поттикнат главно од приватната потрошувачка, поткрепена од растот на платите, потоа реализацијата на проектот на автопатите на коридорите 8 и 10д, како и континуираниот прилив на странски директни инвестиции. „Фич“ прогнозира растот дополнително да се зголеми во 2025 година на  3,6%, базиран на подобрените изгледи кај клучните трговски партнери на земјата. Позитивно влијание се очекува и од финансиската поддршка преку новиот европски План за раст на Западен Балкан.

Според „Фич“, како што е наведено во извештајот, во 2024 година се очекува да се намали буџетскиот дефицит на 3,8% од БДП, под влијание на мерките преземени на приходната страна и зголемувањето на економската активност. Заштеди се лоцираат и во делот на енергетските и земјоделските  субвенции. Во 2023 година, домашните извори за финансирање беа значителни, но, исто така финансирањето беше поткрепено од меѓународните финансиски институции..

Инфлацијата, согласно извештајот на „Фич“ се нормализира и во февруари изнесува 3% и се очекува просечно во 2024 таа да изнесува 3,7%, додека во 2025 година да се спушти на 2,8%.

Според „Фич“ позитивни влијание се очекува од  напредокот во евроинтеграцискиот процес и спроведување на реформите.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и претставува еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед РС Македонија го одржува од 2019 годиna.

Кредитниот рејтинг на земјата, а воедно и политиките што ги спроведува, ги оценува и Кредитната агенција „Стандард и пурс“, која на почетокот на годината даде оценка за конзистентност на политиките и напорите за фискална консолидација и економски раст.

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте