spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниОхрид: Трибина посветена на состојбите со Aутизмот

Охрид: Трибина посветена на состојбите со Aутизмот

Во организација на Македонско научно здружение за аутизам МНЗА, во Охрид се одржа трибина на тема „Aутизмот во Македонија – „лет во место“ или прогрес?“.


Пред присутните на јавниот настан, во името на Локалната самоуправа се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

-Драго ми е што имам можност да се обратам на оваа трибина, посветена на една многу значајна тема. Денеска, сме овде со една цел, да дадеме јавна поддршка на лицата со аутизам и нивните семејства и да зборуваме гласно, како ние, како општество, можеме да направиме позитивни промени во нивниот живот.
Лицата со аутизам и нивните семејства се соочуваат со низа предизвици. Многу е важно да ги разбереме нивните потреби и да обезбедиме соодветна помош. Пред сè, неопходно е да ја подигнеме свесноста за аутизмот.
Многу луѓе сè уште имаат предрасуди или недоволно разбирање за тоа што значи да се живее со аутизам. Образованието и информирањето на јавноста се од особено значење, па поради тоа потребно е да се организираат едукативни кампањи, работилници и вакви настани, кои ќе ги едуцираат граѓаните за тоа како да ги разберат и поддржат лицата со аутизам.
Исто така, институциите мора да обезбедат соодветни услови, а тоа вклучува пристап до психолози, логопеди и други професионалци кои можат да помогнат во развојот и рехабилитацијата на лицата со аутизам. Секако тука не смееме да ја заборавиме и поддршката за семејствата во нивното секојдневие.
Би сакал да споменам дека Општина Охрид има преземено значајни чекори во насока на подобрување на условите во нашата средина.
Даваме поддршка на Центарот за аутизам „Мојот свет”, а исто така обезбедуваме и ангажирање на образовни асистенти во училиштата. Како дел од програмата за образование и социјална заштита обезбедуваме и стипендии за ученици и студенти со посебни потреби и ретки болести, помеѓу кои се опфатени и лицата со аутизам. Се надевам дека оваа поддршка ќе биде уште поголема во иднина.
Упатувам благодарност до Македонското научно здружение за аутизам МНЗА за организацијата на оваа трибина и на сите вас кои имате одреден придонес во вакви активности и проекти.
Верувам дека само преку заедничка соработка можеме да обезбедиме поддршка и разбирање за лицата со аутизам и нивните семејства. Само со заеднички напори можеме да изградиме инклузивно општество, кое ги прифаќа и вреднува сите свои членови, истакна Божиновски во своето обраќање.

На трибината говореше проф. Д-р Владимир Трајковски, а свое искуство како родител на дете со аутизам сподели Валентина Павловска Златановска. Модератор на трибината беше Александра Сабрас Апостолова, дефектолог во Општа болница Охрид, со долгогодишно работно искуство на полето на проблематиката со аутизмот.

Извор: Општина Охрид

Прочитајте