spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: ООУ ,,Димо Хаџи Димов” со најдобар еко двор

Карпош: ООУ ,,Димо Хаџи Димов” со најдобар еко двор

Во трката за најдобро уреден еко училишен двор помеѓу девет основни училишта во Општина Карпош, ООУ ,,Димо Хаџи Димов” ја доби првата награда со освоени 446 бодови. Според Комисијата за најдобро уреден еко-училишен двор која брои шест членови, четворица од Советот на Општина Карпош и двајца административни службеници од Секторот за екологија,  и бараните критериуми како основни за учество во овој натпревар, одлуката падна, второ рангирано училиште да биде ООУ ,,Војдан Чернодрински”, со 405 освоени бодови, додека третото место го освои ООУ ,,Вера Циривири-Трена”, со 403 бода.

За својот труд и осварувања, Општина Карпош го награди прворангираното училиште со еднократен  финансиски надоместок од 70.000 денари, додека пак, второпласираното училиште доби награда во висина од 50.000 денари, а пак третопласираното училиште доби финансиски средства од 30.000 денари. За своето учество останатите основни училишта добија пофалници.

Инаку, станува збор за реализирање на дел од Програмата за активностите во областа на образованието за 2024 година, за која локалната самоуправа распиша Јавен оглас за сите  основни училишта на своја територија, притоа наведувајќи ги општите услови за учество, како и критериумите за доделување награди за најдобро уреден еко-училишен двор.

Уредувањето на училишните дворови во чии рамки се вклопија и еколошките содржини, требаше да поттикне креативност кај основците, родителите и наставниците, што од друга страна кај нив овозможи зголемување на еколошката свест и грижа за животната средина. Во текот на еколошките активности беа користени и рециклирани материјали, а на тој начин учесниците добија поголем мотив за одржување и грижа на училишните дворови.

Извор: Општина Карпош

Прочитајте