spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниПрилеп: Во очекување на почетокот на 58-мото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп: Во очекување на почетокот на 58-мото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Од 7 до 14 јуни, во Прилеп ќе се одржи 58-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе понуди единаесет претстави на професионалните македонски театри кои се во официјалната конкуренција и уште седум во придружниот дел од програмата. Годинава МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува под мотото „Промени се, промени сѐ“.
„Фестивалот е нашето обележје, препознатливост и културно живеење. Ние сме дел од него, тој е дел од нас. Генерации растеа и живееја со него, генерации ги чуваат спомените од него и уживаат во секое ново издание.

Театарските уметници и прилепската театарска публика, тука, отсекогаш се соединувале, а градот дише и ужива во секој миг кога се случува фестивалот. Поканата е отворена до сите граѓани на Македонија да дојдат, да не’ посетат и да уживаат во театарската маѓија на единствениот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој живее во Прилеп 58 години.“ – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески изразувајќи ја поддршката за МТФ „Војдан Чернодрински“.


Фестивалот ќе го отвори претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје, а во конкуренцијата се и „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, на народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, во продукција на Албански театар од Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, во продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица, „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на Ц.К. „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, на Турски театар од Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани на народниот театар од Битола, „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија и претставата „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје.


Фестивалот нуди богата придружна програма во која се и 7 претстави, ќе има промоции и секојдневни разговори на тркалезната маса за одгледаните претстави. Ќе бидат одржани пет работилници. Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, работилницата за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, работилницата за следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал.
Свеченото затворање е на 14 јуни кога ќе бидат доделени годинешните награди на фестивалот, а во чест на наградените ќе следи концерт на „Добрила и Дориан дуо“.

Извор: Општина Прилеп

Прочитајте

Дојран: Дојран Гурман Фест 2024

0
Дојран Гурман Фест 2024– гастрономско патување низ вкусовите на традиционалната кујна од Дојран приготвени од вештите раце на жените од “Здружение на жени-Дојрана” кои...