spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСиндикатиПоранешните вработени во ФЕНИ не прифаќаат да работат за минималец

Поранешните вработени во ФЕНИ не прифаќаат да работат за минималец

Претставници на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство беа на преговори со новиот газда на поранешно „Фени“ во Кавадарци, за поголеми работнички права.

Претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов вели дека преговорите следувале откако околу 133 работници, кои први се вратени на работа по стечајот, одбиле да потпишат решенија за работа на неопределено време со плати од околу 24 илјади денари.

Засега никој не е согласен со понуденото. Платите се движат од 22.000 до 26.000 денари.

– Бевме на преговори за поголеми работнички права во поранешно „Фени“, комбинатот за фероникел што сега има турски сопственик. Одлучено е, овие два месеца да се продолжи да се работи со договор на дело, со зголемена исплата согласно ноќно работење, инфлација и стаж. Во рок од два месеца, повторно да се седне и да се разговара и преговара околу платите што ќе бидат со решенијата за вработување – истакна Игор Ѓерасов.

На прашањето што е со враќањето на работа на останатите вработени, бидејќи некогашниот гигант пред стечајот имаше околу 800 работно ангажирани, тој рече дека ќе има постепено ангажирање во наредните два месеца. Новите газди, според него, планирале да стартуваат со производство околу 1 септември.

Претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов информираше дека првично привремените вработувања ќе бидат преку Агенција за вработување, за после два месеца, како што било договорено, да се трансформираат во редовни вработувања.

– Дотогаш ќе формираме комисија за преговори околу платите, од менаџерскиот кадар, од синдикатот, човечки ресурси. Да се земат сите аспекти предвид и да се постигне договор – подвлече претседателот на СИЕР.

Извор: ССМ

Прочитајте

МОН: Реконструкција на две основни училишта во Брвеница

0
Во општина Брвеница започнаа реконструктивни активности во две основни училишта, финансирани од Министерството за образование и наука. Станува збор за основното училиште „Кочо Рацин“,...