Градоначалникот Дарко Костовски ги известува граѓаните на општина Бутел дека започна постапката за утврдување на штета врз домовите како последица од невремето кое ја погоди општината во изминатиот период.
Градоначалникот ги повикува сите граѓани од општина Бутел во период од 15.07 (понеделник) до 25.07 2024 год.(четврток) во временски период од 08:00 до 16:00 часот да поднесат барање до архивата на општина Бутел за утврдување на штета.
Во втората фаза, комисија составена од општинска администрација и овластен проценител ќе излезе на терен со цел изготвување на записници и проценка на штетата.
На едношалтерскиот систем во општината ќе биде оставен унифициран образец кој секој граѓанин кој има штета во својот дом ќе може да го потполни и поднесе во архивата.
Општина Бутел за оваа намена од својот буџет издвои 3 милиони денари.
Извор: Општина Бутел