Конкретни можности за соработка и инвестиции во дигиталниот сектор, беа клучните теми на разговорите меѓу министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, Гоце Димовски, директорот на ДТИРЗ, заедно со претставници на академската заедница и претставници од компанијата Rumble.
На средбата беше дискутирана можноста за изградба на современи национални центри за податоци што би придонело за подобрување на стандардите за заштита на приватноста и безбедност на податоците. Исто така, беше разгледана можноста за соработка во однос на проширувањето на дигиталната инфраструктура и поврзаноста, со цел нашата земја да стане лидер во регионот по распространетост на брз широкопојасен интернет.
Министерот Андоновски истакна дека приоритетите на Владата се целосно усогласени со предложените области на соработка, во насока на остварување на поставените приоритети и цели, вклучувајќи ја и суштинската визија за поголема достапност на електронските јавни услуги во служба на граѓаните.