Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го посети основното училиште „11 Октомври“, каде пред стартот на новата учебна година темелно е реконструирана училиштната трпезарија.
Во трпезаријата на површина од 165 квадратни метри се заменети старите дотраени плочки, поставени се дрвени облоги на ѕидовите, а старите врати се заменети со нови ПВЦ врати. Набавен е комплетно нов модерен мебел. Новите маси со димензии 140×90 се изработени од материјал отпорен на топлина и гребење. Модерниот и разигран дизајн на трпезаријата го надополнуваат столчињата во живи и весели бои, со ергономски дизајн за поудобно седење и заоблени агли за подобра безбедност. Реконструиран е и делот на кујната каде се приготвуваат оброците за учениците.
„Сакавме да креираме простор каде нашите најмлади ученици ќе се чувствуваат пријатно и убаво кога појадуваат и ручаат. Тоа и ни беше главниот мотив кога ја реконструиравме трпезаријата и со задоволство можам да кажам дека успеавме во тоа. Добивме просторија реновирана по највиоски стандарди, со задоволни и среќни деца“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Покрај реконструкцијата на трпезаријата, пред стартот на школската година варосана е фискултурната сала.
Во завршна фаза е и реновирањето на тоалетите, со промена на подните и ѕидни плочки, поставување нови подни сифони, а комплетно е сменета санитарната опрема и галантерија. Се поставува и ново осветлување, како и замена на сите постојни дрвени врати.
Општина Центар продолжува да вложува во квалитено образование, училиштната инфраструктура и правилниот развој на младите.
Извор: Општина Центар