Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани присуствуваше на почетокот на работниот состанок на кој учествуваа директори на детските градинки и вработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Целта на состанокот беше надминување на предизвиците и обука на претставниците на предучилишните установи при подготовка на барање за вработување, примена на Закон за вработени во јавниот сектор, Закон за административни службеници и Закон за заштита на децата.
Министерот Лимани во обраќањето до присутните истакна дека Министерството и лично тој се отворени за соработка и ги повика директорите на проактивност во нивното работење.
„Ве охрабрувам да бидете проактивни, дали тоа ќе биде барање за проширување на капацитетите на детските градинки, унапредување на воспитно образовниот процес или зајакнување на компетенциите на стручниот кадар. Заедно ќе работиме на најдоброто решение за истите,“ посочи Лимани.
Тој ја истакна нивната посветеност во работата како особено важна за развојот и благосостојбата на децата.
„Заедно, можеме да обезбедиме средина која ќе го поттикне здравиот и безбеден развој на секое дете. Ви благодариме на вашата работа и на вашата посветеност на оваа важна кауза,“ рече Лимани.
Тој на крајот од своето обраќање уште еднаш на присутните им посака успешна работа.
Извор: Министерство за социјална политика, демографија и млади