Развојот на општините и локалниот економски развој е во фокусот на новата Владата и соработката со нив и финансиската поддршка ќе биде континуиран процес, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски на отворањето на Годишниот лидерски форум; „Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација“.
„Целта е преку балансирана распределба на средствата меѓу планските региони и општините да изградиме модерни, транспарентни и финансиски стабилни општини и со тоа да овозможиме рамномерно развивање на сите региони. Веќе е познато дека во првите 100 дена од формирањето на оваа Влада се обезбедени 100 милиони евра за општински развој. Средствата се планирани во Буџетот, со усвоениот ребаланс во август годинава, и постапката за евалуација на испратените проекти е веќе во тек“, рече заменик-министерот, кој истакна дека најважно е да се зајакнат капацитетите на општините за да можат со добро планирани проекти да ги искористат сите средства и со тоа да обезбедат подобри услуги за граѓаните.
Истакнувајќи дека за Владата капиталните инвестиции се клучниот фактор за подобрување на конкурентноста на економијата и на квалитетот на живот на граѓаните, рече дека во наредниот период се предвидени инвестиции од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините до 250 милиони евра.
„Приоритет се капитални инвестиции исклучиво за продуктивни проекти, како што се инфраструктурни и енергетски проекти, коишто ќе бидат во функција на бизнис-секторот, како и капитални проекти од комунална и друга локална инфраструктура за подобрување на општите услови за живот на македонските граѓани“, рече Јанкуловски и додаде дека со цел овие средства да дадат најдобар ефект, ќе се работи на зголемување на финансиската стабилност на општините преку овозможување фер распределба на средствата, при што ќе се внимава на начелата за рамномерен регионален развој, поволности и стимулација за оние општини што имаат одлично испланирани буџети, висок степен на реализација, како и висок степен на наплата на локалните даноци и подобрена методологија за пресметка на трошоците за одржување на образовните објекти во општините, согласно кои им се исплаќаат средства преку блок дотации.
Годишниот лидерски форум се одржува во организација на Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.
Извор: Министерство за финансии