Поддршка на реализацијата на реалните инвестиции е основата на која се заснова концептот на новата Влада за повисок економски раст и повисок животен стандард, кој е пресликан и во Буџетот за 2025 година, a којшто е во фаза на подготовка, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на првата трибина од Платформата: 100% посветени за тебе.
„Квалитетен и подобар животен стандард не подразбира само пораст на платите, туку подобрување во сите сегменти, односно и подобра економија и подобро здравство, инфраструктура“, рече министерката.
Таа додаде дека во изминатите години видовме концепт којшто се темелеше на потрошувачка, за кој се потрошија стотици милиони евра, а притоа немаше никаков ефект. Според министерката, сѐ зависи од концептот и најважно е работите да се гледаат суштински и реално.
„Без реални инвестиции нема раст. Кога го менуваме концептот размислуваме што би можело да даде побрзи резултати, па врз основа на анализите одлучивме да дадеме поддршка на општините, затоа што тие веќе имаа готови проекти со коишто побрзо ќе се види ефектот. Тоа се реални инвестиции и тие ќе придонесат за растот на БДП, на што влијание ќе имаат и инвестициите во приватниот сектор, а за кои се предвидени 250 милиони евра од унгарскиот заем“, рече министерката и додаде дека ваквиот модел значи повисок животен стандард.
На трибината се осврна и на состојбата на Буџетот при што посочи дека јавните финансии се стабилни, но дека тој е сѐ уште оптоварен од извршни решенија и камати.
Покрај министерката за финансии, на трибината учествуваа и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерот за јавна администрација Горан Минчев, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, в.д. директорот на Агенцијата за вработување Сељатин Бељули и раководителката на секторот за реформи во јавната администрација при Министерството за јавна администрација Есма Адиловиќ Фазлиќ.
Извор: Министерство за финансии