spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниГрад Скопје: Соопштение

Град Скопје: Соопштение

Град Скопје преку проектот „ЕУ за чист воздух“ финансиран од Европската Унија, денес обезбеди донација од шест автобуси на компримиран природен гас. Овие автобуси претставуваат значајна инвестиција во почист, одржлив урбан транспорт, со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот низ градот.

„Донацијата на овие шест автобуси е само дел од проект вреден 10 милиони евра, кој има за цел да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во Северна Македонија. Автобусите, покрај тоа што ќе испуштаат помалку штетни материи, ќе помогнат и во подобрување на удобноста за граѓаните кои го користат јавниот превоз во Скопје. Ова е прв, транзициски чекор кон целосно зелен систем на јавен превоз. На долг рок, властите треба да се стремат кон тоа јавниот превоз да стане сè поприфатлива, поефикасна и поеколошка алтернатива за патување. Колку повеќе луѓе избираат јавен превоз, толку поголеми се шансите да го заштитиме животната средина и да ги подобриме условите за живеење“, изјави Н.Е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.

Овие еко-автобуси ќе се движат на внимателно планирани линии во Скопје за да опслужуваат високо-фрекфентни подрачја, особено за граѓаните со специфични транспортни потреби. Овие линии имаат за цел да обезбедат безбеден, достапен и доверлив јавен транспорт, овозможувајќи секој во заедницата да има подобрен пристап до основни услуги и безбедна мобилност.

“Донацијата на автобусите од страна на ЕУ е голем успех на Градот Скопје и доказ за силната и безрезервна поддршка на Европската Унија. Оба е и доказ дека нашата градска администрација кога не е блокирана од никого навистина е способна да спроведе нешто што е од бенефит и за Скопје и за целата држава. Се надеваме дека овој проект ќе ги поттикне советниците во Советот на Град Скопје што е можно побрзо да го поддржат проектот за набавка на 250 нови еко автобуси.

Градот Скопје е првата единица на локална самоуправа која пред повеќе од две години аплицираше и успешно имплементира проект поддржан од страна на ЕУ чија цел е подобрување на квалитетот на воздух и справување со загадувањето. Проектот на Град Скопје со кој аплициравме кој има за цел подобрување на квалитетот на воздухот, предвидува набавка на шест еколошки CNG автобуси за Градот Скопје, намалување на PM 2,5 и PM 10 емисиите преку транзиција на традиционалниот начин на затоплување на јавните објекти кон користење извори на чиста енергија во Скопје, изработка на Физибилити студија за проширување на системот за топлинска енергија, надградба на станици за следење на квалитетот на воздух со нова опрема и подигнување нови урбани зелени појаси со 3.000 дрвја во новите паркови кои ги градиме во Скопје.” -истакна градоначалничката Данела Арсовска

Автобусите, произведени од најголемиот производител на комерцијални возила во Турција – BMC, се дизајнирани за ефикасност и одржливост. Со капацитет од 96 патници по автобус, 67 стоечки и 29 седечки места, како и специјализирани простори за патници со посебни потреби, овие автобуси ја отсликуваат најновата еко-технологија и ги исполнуваат стандардите на EURO 6. Се очекува автобусите да ги намалат емисиите на CO2, со проценета емисија од само 9 грама јаглероден отпечаток по километар по патник.

За да се обезбедат високи стандарди на услугата, како дел од набавката спроведена од УНОПС, возачите на автобусите добија специјализирана обука од сертифициран возач од Турција, што им овозможи експертиза потребна за безбедно и ефикасно управување со овие напредни возила.

„Предизвикот на загадувањето на воздухот е глобален и длабоко ги засега сите граѓани. Загадувањето на воздухот претставува предизвик за јавното здравје и квалитетот на живот, но и климатската отпорност. Секоја инвестиција во зелен транспорт, како оваа што ја правиме денес во Скопје, е инвестиција во подобра иднина за сите“, изјави претставничката на УНОПС, Микела Телатин.

Се очекува автобусите значително да ги намалат емисиите на загадувачки супстанции и да донесат значителни оперативни заштеди во споредба со постарите дизел модели кои се во употреба. Секој еко-пријателски автобус се очекува на ЈСП Скопје да му заштеди и до 20,000 евра годишно трошоци за гориво и одржување во споредба со постарите дизел модели. Оваа промена значително ќе ги намали оперативните трошоци на градот, додека истовремено ќе придонесе за почиста животна средина.

Извор: Град Скопје

Прочитајте