Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија Арбен Фетаи денеска одржа средба со амбасадорот на Чешката Република, Н.Е. г. Јарослав Лудва, на која се дискутираа клучните прашања кои ја определуваат политичката и стратегиската агенда на Владата на Северна Македонија . Средбата беше фокусирана на важни приоритети како што се борбата против корупцијата, европската интеграција и економскиот развој.
Фетаи нагласи дека Владата се ангажира да ја подобри борбата против корупцијата, презентирајќи конкретни мерки за подобрување на правосудниот систем и зголемување на транспарентноста. Тој го истакна и значењето на процесот на европска интеграција, кој останува главен национален приоритет.
Потпретседателот Фетаи го информираше амбасадорот Лудва за мерките на Владата за поддршка на општините преку фондовите од централниот буџет, кои имаат за цел да ја подобрат локалната инфраструктура и да поттикнат еднаков регионален развој.
Амбасадорот Лудва повторно ја изрази поддршката на Чешката Република за Северна Македонија во нејзиниот пат кон Европската Унија, истакнувајќи дека уставните измени се клучни за напредокот на земјата. Тој додаде дека на Северна Македонија местото и е во Европската Унија.
Средбата ја потврди посветеноста на Владата кон реформите, задржувањето на стабилноста и гарантирањето на европска иднина на земјата и на нејзините граѓани.
Извор: Влада