Завршена е реконструкцијата на еден дел од плочникот во Порта Влае. Поставени се нови гранитни плочки и хидроизолација, по што градежните активности продолжуваат во должина на истиот потег (паралелно со улицата „Есперанто“).
Во првата фаза предвидена е обнова на 6.000 квадратни метри, а исто така претстои и реконструкција на околните жардиниери (каде што е засадено зеленило).
Ова е еден од пофреквентните делови во општина Карпош и после 30 години конечно се подобруваат условите за движење на граѓаните, но и за работа на деловните субјекти.
Првата фаза од реконструкцијата на овој плочник ја финансира „ТАВ Македонија“ и е во вредност од 25,5 милиони денари.
Општина Карпош преку Советот донесе и развојна програма за финансирање и реконструкција и на преостанатиот дел од плочникот. На тој начин, вкупната површина која ќе биде реконструирана изнесува 14.380 квадратни метри.
На сите граѓани и фирми им благодариме за разбирањето и трпението кое го имаат додека траат изведбените теренски активности.
Извор: Општина Карпош