Голем број граѓани на велосипеди се вклучија во големото велосипедско дефиле што се возеше по улиците на Скопје, по повод Денот без автомобили – 22 септември и крајот на Европската недела на мобилност 2021.
Дефилето во кое учествуваше и градоначалникот Петре Шилегов тргна од паркот „Ибни Пајко“ и се движеше низ градските улици до целта на Школката во Градскиот парк, каде што се одржа лотарија и музички хепенинг.
Градот Скопје годинава по 11.пат се придружи на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност.
Во периодот од 16 до 22 септември во рамките на оваа недела се организираа низа настани – се одржаа повеќе онлајн работилници со ученици од основното и средното образование за промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност, а се организираа и повеќе активности за промоција на развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот која се зголемува во просек за околу 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во Скопје годинава надмина 110 километри.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“, а во нејзиното одбележување се вклучија над 2.700 градови од над 50 држави од Европа и од светот.
Годинешната кампања организирана под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“ има за цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата со КОВИД-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите кои произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза. Градовите низ светот воспоставија креативни одговори на пандемијата заради што оваа година, Европската недела на мобилноста ја слави издржливоста на градовите и нивните достигнувања во обид да ја пребродат кризата што е можно побезболно.
Извор: Град Скопје