Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование во новата Концепција посебен акцент ставаат на родовата сензитивност, односно се води сметка за рамноправноста на жените и мажите и за разбивање на стереотипите, вели Ајше Ајрулаи, раководителка во Биро за развој на образование, во емисија на 360 степени, посветена на лажните вести кои се шират за воведувањето на сеопфатното сексуално образование.
Ајрулаи објаснува дека делот од наставната програма кој што е за родовата сензитивност, а многу често е мета на лажни вести, се однесува на јакнење на еднаквоста помеѓу жените и мажите.
„Не ретко имаме прикажување на илустрации во учебниците од рана возраст каде што мајките се тие коишто готват, а татковците се тие кои работат и обезбедуваат живот во семејството. Овие улоги во современото општество се веќе, или сменети или ставени во позиција на еднаквост“, вели Ајрулаи, потенцирајќи дека токму тоа е и целта на изучувањето на родовата рамноправност во основно образование.
ССО има за цел во период на адолесценција да ги научи учениците на основните теми кои се составен дел од животот како што се: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство, граѓански аспекти на сексуалноста и репродукцијата. Преку стекнување на овие теми, учениците ќе се стекнуваат со знаења за недискриминација, еднаквост, заштита од родово базирано и сексуално насилство, што се основните вредности во општеството.
Сеопфатното сексуално образование од оваа учебна година се пилотира во 4 училишта во државата во деветто одделение, а наставата ја следат ученици чии родители дале согласности за истото.
Идејата на МOН е прво да се видат резултатите од пилот-фазата, ако има потреба, да се направат промени во програмите и дури потоа, како изборен, предметот да почне да се воведува во наставата.